Демонстрација на примитивизам со цел да се предизвика поголем инцидент. Вака лидерот на ВМРО ДПМНЕ, го коментира однесувањето на собранискиот спикер, кој ги заклучи пратениците во собраниската сала за да ги преброи.

Но, вели, овојпат нема да дозволат да се повторат настаните од минатото.

Интерпелацијата од оваа партија ќе ја достават идната недела во Собранието. Не може да успее без поддршка од некоја од владејачките партии, а тие засега го бранат Џафери. Имаат поддршка од коалиционите партнери и од Левица, додека од Алијанса за Албанците допрва ќе одлучуваат како ќе гласаат.

Во изјавите деновиве, и тие се жалат дека и нивните пратеници постојано се под притисок од Џафери, за кој велат и дека честопати им го ускратува правото на збор, а за поставување на пратенички прашања се секогаш последни.

Од кабинетот на собранискиот спикер во негова одбрана се вели дека, вратите биле затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници за гласање.

Се повикуваат на членот 97 од деловникот, но таму е предвидено дека, вратите на салата се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците само во случај кога од пратениците се бара поединечно да се изјаснат.

Додека да стигне интерпелацијата на дневен ред, пратениците ќе расправаат за Џафери и во Комисијата за мандатно имунитетни прашања, на седница на 6 јуни. Расправата е повторно по пријава од ВМРО ДПМНЕ за повреда на етичкиот кодекс,односно пцуење и викање по собраниските служби, за што постои аудио снимка.