Кога пред некоја недела го слушнав ова, мислев дека е нешто кое сум го прочитал во рубриката „Верувале или не“ и затоа се воздржав од коментар и почекав некое време да помине, но гледам дека тие оваа работа ја тркалаат и навистина изгледа веруваат во таа работа, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со најавите на СДСМ за поднесување нов закон за борба против корупцијата за враќање на довербата во судството.

Додава дека во оваа работа, како што рече, веруваат дечињата на принцот на криминалот.

-За да се амнестира себе си и криминалот кој го правеше заедно со нив, го смени кривичниот законик и избриша неколку члена со кои се анместираше целокупниот криминал кој го правеа како Влада. Без срам, слушаме 10 дена како ја малтретираат македонската јавноста со т.н. платформа. Не можам да се изначудам на тоа што го слушам. Главната работа која нив ги вознемири е тоа што во последно време станав многу чувствителен, и тие тоа го артикулираат дека со моите чувства, јас нарачувам обвинителски истраги и се исплашија од себе, затоа и побрзаа да се претстават како жртва на некаков си политички прогон. Не треба да се плашат, затоа што во оваа држава со оваа Влада, веќе две години владеат законите и се почитува Уставот, истакна Мицкоски.