По четврти пат сме заедно во овие декемвриски, студени денови. Денеска е можеби и најстудено од сите декемвриски денови, кога ја газевме истата траекторија. Но целта е иста. А, целта е една и единствена, сите заедно да им порачаме на овие внатре МАКЕДОНИЈА, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешниот протестен марш во Скопје.

Во продолжение тој истакна:

Ќе ве замолам, ќе замолам и со еден огромен, громогласен аплауз до припадниците на МВР што се овде вечерва со нас. Ние сме ваши браќа и сестри, синови, роднини, комшии, пријатели. Ние сме само загрижени за иднината на нашата татковина и иднината на нашите семејства. Затоа сме овде и ќе останеме овде се додека не ги видиме оние натрапници како ја напуштаат оваа зграда позади нас.

Кога влегуваа внатре на ширум распослан црвен килим се колнеа во жицата, се колнеа во дедовината, се колнеа во татковината, се колнеа дури и во најмилото, во децата, дека нема да чепкаат онаму каде што најмногу боли. Не само што чепнаа туку и толку длабоко навлегоа што ќе ни требаат години да го залечиме. Некој ми вели доста зборуваш за економија, државата се распаѓа. Не се распаѓа државата, затоа сме ние тука. Затоа е ВМРО-ДПМНЕ тука и Коалицијата „За подобра Македонија“. Затоа сме ние тука и ширум улиците, и ширум булеварите, и ширум плоштадите во нашата мила Република Македонија.

Борбата штотуку почна браќа и сестри. И нема запирање додека не ги поразиме. Првата победа ќе биде на претседателските избори. Затоа мора сите заедно мотивирани и сложни да бидеме. И да истраеме, и овие декемвриски и јануарски, и февруарски месеци и март ќе дојде, а во април доаѓа големата победа која што ќе најави предвремени парламентарни избори.

Кога народот ќе дојде и ќе им каже на овие луѓе внатре излажавте еднаш ви помина, двапати не измамивте но третиот пат дојдовме по своето, а секој од вас ќе ја добие заслужената казна, најпрвин тоа што и го направи на татковината Република Македонија, тоа што го направи на нацијата и македонскиот народ и конечно на крај тоа што им го направи на сите граѓани во Република Македонија, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци.

Парче по парче ја разграбивте државата, народот на следните предвремени парламентарни избори ќе ви покаже дали наместените анкети се вистинската слика во Република Македонија. Не се и покрај тоа што ги местите пак ве водиме.

Минатата недела во Велес поминавме прекрасно. Во градот на Рацин, во градот на Гемиџиите си споменавме на крвта што тие луѓе ја пролеале за ова парче земја. Мене ми се случи еден пех, го објавуваа по сите портали се смееја. Јас ги разбирам, ги разбирам тие луѓе не знаат што е емоција. Не знаат што е сентимент. За нив е ова обична пљачка и ништо повеќе. Но за мене и за овие луѓе овде е многу повеќе од тоа, тоа е љубов, тоа е емоција, и тоа е живот, и се вика Република Македонија. Вие внатре тоа не го разбирате.

Браќа и сестри, сопатници, го чекориме истиот пат кој нема да биде лесен, ќе повторам и ќе го повторувам ова цело време. И нема да биде едноставен и ќе има многу предизвици по тој пат. Но мора да го изодиме, мора да го изодиме за нашите деца, за нашите внуци и не смееме да се откажеме и нашата борба штотуку почна. Оваа генерација, Македонци, граѓани на Република Македонија има историска шанса да му стави крај на едно неславно владеење кое што е последниот остаток на транзицијата во Република Македонија. На една група луѓе која што со лага и измама запоседна фотелји во Република Македонија и во институциите во Република Македонија. Една група луѓе, браќа и сестри која што многу брзо, која што многу брзо ќе види што значи народ и народот ќе им го покаже она вистинско место во историјата. На темната страна право на буниште. Од првиот до последниот за сето она што го направија.

Ви благодарам на сите што сте овде вечерва со нас. Храбри јунаци и јунакињи и покрај сите притисоци што ги имате, и покрај сите закани и уцени, и покрај сите оние вонредни сообраќајни контроли вие што дојдовте надвор од Скопје. Но и оние кои што не се вечерва со нас, знам дека срцето силно бие да се овде со нас, за Македонија, за ВМРО-ДПМНЕ, за победничка Коалиција „За подобра Македонија“. Затоа што знам дека едно не спојува, а тоа е мисијата за подобра, економски поуспешна и просперитетна татковина Република Македонија. Затоа уште еднашка од срце на сите сакам да ви се заблагодарам,а имате мојата почит.

На секој собир не има повеќе и покрај тоа што времето не е на наша страна. Студот е посуров, е се посуров од ден на ден. Зима доаѓа нормално е тоа, но љубовта, и мотивот е се поголем. Јас немам друга алтернатива, мојата алтернатива е овде и на улиците, и булеварите во Република Македонија. Во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ колку повеќе луѓе ни се придружат толку повеќе луѓе ќе ја слушнат нашата вистина. Затоа да ја заборавиме книгата на едно време, да отвориме нова книга, заедничка книга, книга која што ќе не води сите нас кон просперитет и победа над овие луѓе внатре. Оваа ненародна влада, оваа криминална влада која што ја предводи да не заборавиме, никогаш да не заборавиме аболиран политичар.

Јас друга татковина немам, и оваа е татковината во која што сум се школувал, во која што работам, во која што сум создал семејство, во која што сум се сретнал со сите вас поединечно. Татковината во која што со вас ќе марширам по улиците и булеварите, и на плоштадите. Затоа што ние немаме резервна татковина и за оваа татковина вреди да се бориме и ќе повторам нашата борба штотуку почна, ниту еден процес не е еднонасочен сите процеси и историски биле резибилни. Нашето време доаѓа. Времето на вредните и честити Македонци, браќа и сестри, сопатници доаѓа допрва. Бидете горди што сте овде во овој декемвриски ден. Затоа што оваа гордост нема цена. И ќе останеме уште некоја минута подолго ако треба, само да покажеме дека ние се бориме за неа, за татковината, за Македонија без разлика од каде сме дошле. Дали сме од Скопје, Кичево, Битола, Струмица, Кочани, Штип, Велес, Куманово, Охрид и простете тие што не ги споменав. Ви благодарам јунаци и јунакињи што дојдовте овде со нас.