Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, денеска заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски оствари средба со началникот на Генералштабот на Вооружените сили (ВС) на СР Германија, генерал Карстен Бројер.
Мицкоски во објава на неговиот Фејсбук профил посочува дека на средбата било разговарано за унапредување на билатералната одбранбена соработка, зајакнувањето на партнерството во рамки на НАТО, како и за актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува Европа.

– Денес остваривме средба со Началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Германија, генерал Карстен Бројер. Разговаравме за понатамошното унапредување на билатералната одбранбена соработка, зајакнувањето на партнерството во рамки на НАТО, како и за актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува Европа. Заеднички ја потврдивме определбата за продлабочување на соработката преку размена на искуства, заеднички активности и натамошен развој на капацитетите на вооружените сили, со цел јакнење на регионалната и евроатлантската безбедност – наведува Мицкоски.

Во рамки на дводневната официјална посета на македонската Армија и држава, генерал Бројер, оствари средба со началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова.




