Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ:

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес (17 септември 2018-та година) оствари средба со Јоханес Хан, комесар за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија.

На средбата стана збор за политичката состојба во државата, евроантлантските интеграции на Македонија како и актуелниот референдум за договорот со Грција.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека за Македонија членството во НАТО и во ЕУ е од стратешки и државен интерес.

Мицкоски потенцираше дека договорот со Грција е штетен за Република Македонија и затоа истиот е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ, односно надвор од познатите принципи и начела на партијата. Тој го повтори ставот на партиските органи во однос на референдумот дека граѓаните се доволно зрели и достоинствени за сами да ја донесат одлуката како ќе постапат на 30 септември.

Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа повторени критиките за владата на СДСМ и  Зоран Заев, чие работење го одбележуваат секојдневни криминални афери.

Соговорниците се согласија дека Евроатланската интеграција е клучен фактор за стабилност и просперитет во балканскиот регион како и дека е потребна поддршка во насока на реформи кои се од значење за остварување на тие стратешки цели на Македонија.