Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски после денешната средба со Занаетчиската комора Скопје, одговарајќи на новинарско прашање за тврдењата на власта дека пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за уставните измени, истакна дека таа тема е затворена и единствената работа која во моментов е на маса е да се договори терминот за следните парламентарни избори.
„Власта година дена се занимаваше со оваа тема, а јас таа тема ја затворив јавно, но очигледно еве ќе треба повторно да повторувам работи коишто веќе сум ги кажал многу пати во минатото. Измина повеќе од една година, тие велеа дека јас сум проблемот, политичарот Христијан Мицкоски го имаа на маса, имаа година дена време да најдат еден којшто ќе гласа за уставните измени. Имаа неколку решенија коишто им ги понудив изминативе година дена и сите ги одбија и сега имаат на маса само една работа, а тоа е да седнеме и да се договориме за терминот за следните парламентарни избори“, истакна Мицкоски и додаде:
„Се останато е во делот на рибарските приказни, односно лагите и фантазијата на овие луѓе коишто уште малку време ќе бидат дел од македонската влада“.
При тоа, тој додаде:
-Цениме дека во актуелната состојба во која што Македонија се наоѓа денеска не само што не ги решава проблемите на граѓаните и потребите на граѓаните туку и дополнителни ги проблематизира, ги усложнува и цениме Владата наместо да решава проблеми станува најголема пречка односно станува самата по себе најголем проблем. И кога вие имате еден таков проблем тогаш логично е да тој проблем го решите на еден начин, тоа е да ја замените односно тој проблем да го решите така што ќе дојде некоја влада која што наместо да создава проблеми, проблемите ќе ги решава, рече Мицкоски.
Мицкоски порача дека колку побргу има избори толку помалку проблеми ќе има идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за нивно решавање.
-Бидејќи оваа влада можеме сите ние да заклучиме дека е влада полна со криминал, полна со корупција, немаме структурни реформи, кадровски решенија кои што поминуваат ден за ден и создават проблеми наместо да решаваат проблеми, така што колку поскоро, колку побргу од денеска ќе имаме избори и секако за неколку месеци од денеска доаѓаат и редовните, толку помалку ќе има идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ за решавање, а јас очекувам дека конечно ќе се свестат луѓето во владата и конечно заеднички ќе излеземе со еден состанок со кој што ќе ја дефинираме датата за следните избори, кажа Мицкоски.