На овој роденден сакам да посочам дека ова е сведоштво дека една идеја родена пред 36 години продолжува да живее, да расте и да се развива. Ова е доказ дека кога една политичка организација е создадена од народот, за народот и во служба на народот, тогаш ниту времето, ниту предизвиците, ниту нападите не можат да ја скршат. Вечерва ја славиме истрајноста. Ја славиме вербата, надежта и љубовта кон Македонија, рече во својот говор премиерот Мицкоски вечерва од Струмица.

-Затоа што во овие 36 години имаше многу тешки моменти. Имаше порази, имаше неправди, имаше разочарувања, имаше моменти кога многумина мислеа дека е полесно да се откажеш отколку да продолжиш понатаму. Но секогаш кога некој мислеше дека сме паднале, ние станувавме посилни. Секогаш кога некој мислеше дека сме поразени, народот ни даваше нова сила. Секогаш кога некој сакаше да ја оттурне Македонија назад, се појавуваа луѓе кои беа подготвени да ја поведат напред, рече Мицкоски.

-И јасно се отцртува границата и разликата. Тие од опозицијата мислат дека се родени за да бидат на власт, ние од ВМРО-ДПМНЕ сметаме дека сме предодредени да работиме и се жртвуваме за својот народ, кауза и татковина. Затоа и нашата сила доаѓа од народот. Тоа е така сега, но тоа така било и низ вековите. Македонија мора да победува. Никогаш нема да падне. Нашата задача е борба во она што веруваме и се додека сме силни обединети и правиме добро за државата тогаш Македонија ќе има сила, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.