Добро е што се гради. Со овој проект на реалокација од централниот буџет кон општините имаме повеќе од 1.200 проекти коишто се градат и добро е што Македонија е едно големо градилиште, истакна премиерот Христијан Мицкоски, кој денес беше во работна посета на општина Илинден.

-Дел од проектите се завршуваат, дел се во процес на реализација, многу мал дел ќе отпочнат и очекувам да следната година ја заокружиме со овој процес на овие проекти од првиот и вториот повик и веќе да размислуваме за третиот повик што мислам дека ќе биде исто така потребен, во меѓувреме општините подготвуваат нови проекти, што е добро, така што јас само можам да им честитам на градоначалниците во случајов, да му честитам на градоначалникот на Општина Илинден, рече тој.

Премиерот оцени дека градоначалникот на Илинден, Александар Георгиевски прави импресивни работи.

-Да се заблагодарам на поддршката којашто ја добива градоначалникот од страна на советниците, од страна на администрацијата во Општина Илинден, на пратеничката којашто доаѓа тука од Општина Илинден и којашто ја поддржува секоја иницијатива за проект повеќе овдека во Општина Илинден, на колегите од Владата коишто исто така работат деноноќно да испорачаат проект повеќе, така што една заокружена слика имаме и таа слика денеска ја менува сликата за Македонија, од една држава којашто беше ограбена, понижена, засрамена доаѓаме до држава во којашто се гради напред и така ќе продолжиме ние како Влада понатаму да функционираме. Честитки на сите и нека ни се множат вакви проекти, рече Мицкоски.