Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Прилеп присуствуваше на настан во организација на партијата, а со кој се одбележува денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Мицкоски рече дека нивната борба за слобода не е никаков изолиран случај туку континуиран процес на неколку Илиндени.

-9 мај немаше да се случи, ако претходно не беше 11 октомври неколку години порано, а денес седиме овде наспроти плочите каде се вклесани имињата на 462 партизани од НОБ од Прилеп и околината кои ги дале своите животи за нашата денешна слобода и држава. И имињата на овие луѓе не треба никогаш да заборавиме бидејќи буквите на нивните имиња се испишани со падната крв за нашата слобода и иднина. Ете толку е скапа нашата слобода и државата која што е спечалена со крв, пот и страдања, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека ова не треба да се заборави никогаш и слава им на хероите. Според него треба секој да е свесен дека единствен народ на Балканот кој своја државност стекнал преку НОБ без европски или светски спонзори е токму македонскиот народ и оваа држава која што ние ја живееме.

-Ние како Македонци имаме не само право туку должност, обврска да ги чествуваме овие денови и паметници, затоа што и нашата Македонија покажа пркосна жилавост и борба во едни тешки времиња, и најважното беше на вистинската страна во народно ослободителната борба, во борбата против фашизмот, во мигови кога многу други народи и држави од соседството и Европа не беа. Оттука денес ние како земја, како Македонија го имаме легитимното и полно право да се повикуваме на нашето наследство но и придонес во градењето на слободарска Европа. Затоа што нивната слобода е и наша слобода, затоа што и нашата крв го полеваше темелот на заедничката слобода. Нашите предци не` не посрамотија, и беа на вистинската страна, прашањето е дали денешната власт го чува тоа наследство и не ги посрамотува нашите предци? Одговорот го добиваме кога премиерот, во името на некакво пријателство, вели дека тука имало администрација, а не фашистички окупатор, што самото по себе е тешка небулоза и невистина. И тоа е дотолку страшно зошто се вика брутално, сурово убиство на вистината. Од друга страна премиерот на нашиот источен сосед, оној нели кој Заев го вика брат, ќе рече Делчев бил бугарски револуционер, а македонски војвода. Ваков оксиморон, ваква противречност во една реченица не е возможна. И не е страшно во што тие веруваат, може да веруваат во што сакаат, лошо е што македонските власти молчат. Веќе жал ме фаќа и јадно е за гледање она нивно препелкање, на премиерот и сите министри до еден кога ќе требаат да честитаат некаков важен јубилеј или празник. Успех на фудбалска или ракометна репрезентација, или да се одбележи некој ден, 4 мај, 8 септември или 11 октомври. А сигурно и денес на 9 мај тоа ќе се случи. Ќе изнапишат статуси, ќе смислат 300 варијации, само да не го споменат името Македонија. Бегаат од него, срамежливо ќе асоцираат, како да сме безимени. Од новото име се срамат, а Македонија не ја пишуваат. Тука ќе им го видите нивниот ум и нивното отсуство на кичма. Работите мора да се гледаат реално и да се кажуваат такви какви што се, без додавања, точки или запирки, нагласи претседателот на најголемата опозициска партија.

Мицкоски посочи дека денес требаше да биде третата година откако Заев го прослави добивањето на датум и почеток на преговори.

-Но 4 година не мрднаа ниту милиметар напред. А ние 30 години, 30 долги и мачни години само правиме отстапки. Сменивме знаме, Устав во повеќе наврати, добивме пресуда во Меѓународниот суд во Хаг па не убедуваа дека тоа била цената на геостратегијата и силата на посилниот, Заев го смени уставното име и повторно го промени Уставот. Потпиша договор со Бугарија кој го нарече договор за добро соседство, и се фалеше дека ги затворил сите отворени прашања. И што добивме? Од Европа добивме тапкање по рамо, ветувања и нов услов за напредок на патот кон ЕУ. Сега наместо почеток на преговорите условот е да признаеме дека пред 1944 година сме биле Бугари, дека нашиот јазик бил бугарски, дека сите оние илинденци кои со крв ја пролеаја македонска земја за независна држава во срцето на Балканот не биле Македонци, туку биле бугарски војводи, тоа е новиот услов кој ние треба да го прифатиме. Во 21 век, ние денеска според Заев за да почнеме преговори, треба да решаваме прашања од 19 век. Да бркаме по нашите корени и да ја чепкаме крвта и коските на оние кои животот го положија за независна и суверена Македонија. Дали тоа е реалноста во која сакаме да живееме, каква е оваа наша денешна сурова реалност. Оваа сурова реалност е по тоа што требаше да бидеме барем први според бројот на вакцините, а ние денеска сме последни.

И проблемот е што власта повторно се однесува на истиот начин со кој не добиваме ништо. И ова треба да се каже, а Заев ако мисли дека таквата понизност е цената која мора да ја плати за да ЕУ му прогледа низ прсти за неговиот криминал овде, и да се однесува по принципот ќе бидам сервилен, ама барем ќе ми прогледуваат низ далечен двоглед за кражбата на изборите и бруталниот криминал во кој оваа влада е потпрена, што и гласно низ кулоарите го говори Заев, преставува политички идиотизам и лага, бидејќи ниту Европа веќе му молчи за криминалите, ниту оваа власт може повеќе да си го купува мандатот со својата сервилност преку која тие ќе си ги полнат џебовите, а народот ќе страда.

И Европската Унија треба да биде погласна за криминалите кои ги прави оваа влада, и за грешните политики кои земјава ја туркаат во бездна. Затоа што нашата европска иднина се загрозува со секој криминален тендер кој оваа влада ќе го направи, затоа што денес Бугарија е пречка, но во истиот момент станува пречка и кога овие што штанцале пасоши на белосветски криминалци ќе примат удар како топовско месо и ќе лежат по смешни 2 години затвор, само за да нема одговорност за главата на криминалната мафија, затоа што такви како Рашкоски има секоја општина, министерство или претпријатие, десетпати повеќе од тоа што јавноста го знае.

Точно е тоа дека нашиот единствен пат е кон Европската Унија, која мора повеќе да се ангажира tколку обезбедувањето на нашата иднина. И затоа од овде од слободарски Прилеп ќе им порачам, преговори веднаш, оставете го Заев и тие главоклимачи околу него. Не се тие Македонија, туку овој чесен и честит народ и вредни домаќини. Ова е народот кој многу пред вас ги покажувал своите европски вредности и неговото место е таму за да ја добие заслужената правда, а да ја добијат и сите оние кои што се неправедно обвинети и неправедно осудени од ова обвинителство и судство кое е под целосна чизма на власта на Зоран Заев.

Ние бараме правда а не милост, правда за стореното, а не да луѓето ги обвинуваме и прогласуваме дека се терористи затоа што не направиле нешто односно, терористи со несторување. бараме праведност за Пешов, Лазаров, Леви, Пепиќ, Јане Ченто, Ангелов, Фета Аљими, Чавков и сите останати во овој случај. Не можеме да стоиме мирни доколку на политички монтираните случаи молчиме и одобруваме. Не сум јас да се замолчи на насилството, но против тоа сум кога поради политички потреби и кампања таквото насилство се смета за тероризам за да истите тие лежат по 17 години, додека овие со македонски пасоши од мафиите низ светот убиваат и крадат со македонски пасоши.

Македонија денес го живее најтешкото време. Образованието е уништено, , борбата за образование без учебници, е борба за милиони евра во џебовите на овие од власта. Борбата за нов клинички не е борба за здравјето на граѓаните, туку да потрошат над пола милијарда евра, скапо заработени пари на граѓаните, водејќи се од студија скромно напишана од 35 страни. Кога цел свет се бореше да обезбеди вакцини, нашата влада, нашиот министер, премиер се бореа што повеќе провизии да стрпаат во сопствените џебови, а луѓе умираат. Луѓе умираа губеа здив и умираа во болниците. Јас бев сведок на двајца такви а Инфективната болница во Клиничкиот центар во Скопје. Едниот го губеше својот живот цел саат, беше во собата до мене и беше тешко да се гледа сето тоа. Ми се гади кога ги гледам оние свитови и договори како сакаат на здравјето на граѓаните да стрпат провизии во своите џебови. Да уживаат во луксузни ресорти додека народот за парче леб се бори, чесно заработено парче леб. 60 наши сограѓани останаа без работа, бизнисот трпи несогледливи последици. На народот му треба надеж и визија. Домаќинско работење, наспроти недомаќинското и расипничко трошење.

Европа се убавите згради во Берлин и Париз, но и стандардот во Брисел, економијата во Штудгарт и Минхен. Мора да ги вратиме принципите и стандардите. Мора да има промена зошто Заев брутално паѓа а сака со него да не повлече сите нас. Е нема тоа да го дозволиме. Нема повеќе паѓање. Народот не смее да биде повеќе жртва на мафијата, мора да се ослободи бизнисот, криминалците да одговараат, а на луѓето да им се даде надеж и визија. Ќе се борам крвнички за секој еден од вас и заедно ќе градиме се што овие уништија. Македонија ќе го има својот 4 Илинден и ќе биде просперитетна држава, а ќе ја вратиме надежта дека може подобро. Ќе удри зората и за нашата земја. А ВМРО ДПМНЕ ќе го има се почесто на улиците, селата и градовите, помеѓу својот народ. Македонската пролет се раѓа.

Ова се одлучувачки мигови за нашата земја. Каде ќе се одлучиме да загазиме подлабоко во мочуриштето или ќе направиме исчекор за оставање на калта позади нас. Ова е ново но и поискусно ВМРО-ДПМНЕ. Со жар сила и знаење за промени. Мора да се стави забрана за занимавање со политика на политичари за кои било докажано дека погрешиле со криминал, или се амнестирани поради криминал. Мора да се бориме силно против корумпирањето на секоја слободна педа. Да се испита секое несразмерно богатење на грбот на народот. Не смее владата да биде главниот корумпирач на бизнисите, медиумите, експертите стопанството. Треба да имаме наша автохтона, автономна елита. Мора да се забрза европскиот пат преку разумна политика која ќе носи резултати, да му се објасни на народот однапред што можеме, до каде ќе одиме и што ќе направиме. Мора да се врати достоинството на човекот во здравството, да биде главна борба каква нова машина, каков нов апарат ќе набавиме, а не дали ќе има дезифициенци за пациентите и докторите. Тоа треба да се подразбира, тоа треба да е задолжително. Мора да се реорганизира државата на домаќински принципи. Доста беше живеење на бизнисот во стеги закани. Доста беше родители кои треперат за своите деца поради експериментите на власта во образованието. Доста е за оваа власт, таа е завршена работа, бројани се деновите. Тоа распаѓање на кое работеше Заев нас не направи посилни, а сега гледаме дека му чука силно на неговата врата. Но тоа е нивна работа, наша е да си ја вратиме Македонија, а Македонија има сила и за победи, и за големи чекори. Да го пресушиме мочуриштето, да застанеме на нозе да ја застанеме на нозе државата, нашата Македонија. Така ќе се одложиме и на паднатите херои, ќе покажеме образ и достоинство и кон оние кои се изборија за ова денеска и сега. А Македонија ќе ја оставиме на нашите деца потоа. Иднината да биде заедничка.

Да живее слободна богата, просперитетна, наша Македонија, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.