Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски даде интервју за радио емисијата „Македонски корени“ од Сиднеј. Ова е разговорот:

Г-динот Заев со лаги успеа да ја придобие целата меѓународна поддршка, а вас од  ВМРО ДПМНЕ да ве втурне во живата песок која песок преку Заев ја постави режисерот на ова црно сценарио за уништување на Македонија. Сега вие од ВМРО-ДПМНЕ, се обидувате како Феникс да се вратите во живот. Ваш коментар? Зошто ВМРO-ДПМНЕ дозволи да се дојде до сето ова и кој е излезот?

МИЦКОСКИ: Повторно не би се враќал на некои минати времиња бидејќи тогаш не сум бил во можност да водам политика и да одлучувам за начинот на кој би се водела. Би се задржал на периодот во кој сум избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ во кој период мислам дека изградивме стабилни и цврсти односи со меѓународната заедница кои се базирани на меѓусебно почитување и принципи и во рамките на тие односи планираме да ја градиме иднината на нашите релации со меѓународната заедница. Мислам дека претставниците на меѓународната заедница се апсолутно свесни за карактерот на Зоран Заев дека тој пред нив има едно лице на човек кој што е покорен со раката на срцето, а со главата наведната настрана, но позади завесата кога ќе дојде тука во Македонија практично главната интенција е нешто друго. Ќе ве потсетам, паралелно со процесот на потпишување на Преспанскиот договор и водењето на сите тие антинационални и антинародни политики, Зоран Заев го менуваше Законот за јавни набавки во Република Македонија, а со цел да можат да врват тендерите во четири очи. Денеска кога ќе ги погледате сите државни компании кои што имаат потпишано тендери со постапка на преговарање ќе го забележите факторот кој е во околина на семејството Заеви или на компаниите кои што се некако поврзани со семејството на Заев. Дали тоа станува збор за инфраструктурниот проект кој што е на релација Штип-Радовиш-Струмица или пак машините кои вршат ископ во рамките на РЕК Битола, заштитна марка на сите тие се фирми сопственост или некаква  поврзаност со семејството Заеви. Со други зборови, додека водеа анационални и антинародни политики – крадеа. Ете тоа е вистината и сето ова повеќе им е јасно на меѓународната заедница и се повеќе вистината излегува на виделина.

Изминативе месеци вие од ВМРО-ДПМНЕ остро го критикувавте законот за јавно обвинителство предложен од Владата на Заев, а подготвивте и ваш Предлог закон за јавно обвинителство. Пред некој ден имавте лидерска средба со Заев заедно со тимовите кои преговараат за законот за јавното обвинителство. Во јавноста излегоа неколку информации за таа средба. Го слушнавме г-динот Заев во негов стил како онаа со големиот арамија кој за да се извлече од проблемот извикал: „Држете го арамијата!“.  Г. Мицковски имам неколку прашања: Што е тоа што за вас не беше прифатливо во предложениот закон на Владата на Заев и што не е прифатливо во новиот предлог на Заев на последната  лидерска средба? Каков предлог вие ставивте на маса и дали е различен од оној со кој вашиот тим разговара со тимот од Владата на Заев? Зошто не го искористивте овој момент за да го условите Заев и како прва точка да се најде датумот за предвремени  избори бидејќи вашиот став беше дека нема да одите на лидерска средба ако на неа не се најде точка за предвремени парламентарни избори? Зошто е потребен нов закон и зошто само двајца лидери да предлагаат нов закон, а не  другите лидери на политички партии? И што толку сте запнале Вие да предложите обвинител на новото јавно обвинителство зарем не е поарно да се изборите државниот обвинител да доаѓа по предлог на опозицијата, вака испаѓа дека сами се фаќате на замката која ви ја поставува г. Заев и оние од чадорот кои го креираа ова црно сценарио?

МИЦКОСКИ: Генерално принципот на СДСМ е сето она кое до сега се случувало да не важи. Од сега, па натаму да бараме правда и од сега па натаму да се почитуваат законите и Уставот. Се што порано било спротивно на законите и Уставот тоа да не важи. Нашиот принцип е почитување на законите и Уставот и правда апсолутно за секого. Основна разлика е што за нас не постои принцип на неказнивост, односно мора да има правда за секого и мора да има одговорност на секој оној кој ги прекршил законите и го прекршил Уставот без разлика од која политичка партија доаѓа, а второ, да има основано сомневање за сторено кривично дело согласно применливото право на Република Македонија. За нас принципот на неказнивост не треба да постои односно секој мора да одговара доколку постои индиции за сторен криминал. Додека пак кај СДСМ принципот е од сега па натаму ќе ги тераме случаите. До сега што било било, од сега па натаму.

Втората точка каде што имаме суштинско разидување со СДСМ е во делот на обвинителите помошници на притвореничката Јанева. Гледаме дека тие изминативе години  имале сериозно големи привилегии, земале илјадници евра личен доход во држава во која што половина милион граѓани се сиромашни и десетици илјади наши сограѓани живеат со помалку од еден долар на ден. Така што сето она што Зоран Заев го финансирал, валоризирал во тие луѓе, а го плаќале граѓаните на Република Македонија сега сака да го валоризира повторно користејќи ги сите тие за политички прогон за политички неистомисленици во случајов тоа е ВМРО-ДПМНЕ така што со закон ние не можеме да прецизираме кои обвинители ќе бидат дел од тоа обвинителство, кои нема да бидат. Имаме закон како се бира и како се именуваат обвинители, само треба да се почитува тој закон. Околу дилемата дали јас сум бил на лидерска средба и дали постоела точката датум за преговори: јас и тогаш кога требаше да се одржи таа лидерска средба во Клубот на пратеници реков дека без точка за предвремени парламентарни избори лидерска средба не прифаќам. Во случајов точката за предвремени претседателски избори е ставена на маса и тука нема никаква дилема. Гледаме дека Зоран Заев е уплашен, а се повеќе ќе биде уплашен како доаѓаат јавните мерења односно податоците на мерењето на јавното мислење и дека се повеќе ќе бега од предвремени парламентарни избори бидејќи гледа дека уште неколку месеци практично ќе трае неговата политичка кариера.

Истовремено ние сме апсолутно свесни дека за да има предвремени парламентарни избори потребни се мнозинство гласови во рамките на Собранието, односно ние како ВМРО-ДПМЕН во овој момент таква бројка немаме и не би сакале да ги злоупотребуваме чувствата на граѓаните да манипулираме со чувствата на граѓаните, да ги подгреваме очекувањата, па потоа да дојдат големи разочарувања. Нашиот однос со граѓаните е честит. ВМРО-ДПМНЕ е подготвен за предвремени избори веднаш но истовремено е свесен дека за да тоа се случи потребни се мнозинство гласови во рамките на парламентот со кои ќе се распушти парламентот. За жал во моментот ВМРО ДПМНЕ таква бројка нема. И ние ќе продолжиме да разговараме и да ги користиме сите демократски алатки кои ни стојат на располагање да предизвикаме едни такви предвремени парламентарни избори. Нормално за стратегијата не би сакал повеќе да откривам.

Поставивте прашање поврзано со изборот на државниот јавниот обвинител или обвинителот на новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција. За нас во моментов не е битно персоналното решение и позицијата битен е принципот. И токму во рамките на тој принцип и во рамките на процесите за кои ние се залагаме ,добро е опозицијата да може да предложи, без разлика што сега сме ние опозиција, а утре ние ќе бидеме во влада, друг ќе биде опозиција. Без разлика на името, битно е да станува збор за лице кое ќе биде од фелата. Ние навистина немаме намера да предлагаме лица кои се заштитници на политичките елити. Ние засега немаме разгледано било какви имиња, но имаме направено профил каков треба да биде предлогот кој ќе го даде ВМРО-ДПМНЕ и каков треба да биде предлогот кој во иднина ќе го дава опозицијата на лице кое ќе раководи со едно од обвинителствата.

Парламентарните избори ќе се случат било тоа да се редовни или вонредни за што вашата партија се пожестоко притиска. Имајќи предвид дека за распуштање на Собранието треба 61 пратеник а вие тоа го немате, дали планирате подрастични чекори, вклучувајќи го и чекорот со повлекување на пратениците од Собранието и од собраниските комисии, како и кој би бил можниот датум за предвремени парламентарни избори? Подготвени ли сте за да го зададете тој завршен удар за да ја симнете оваа најненародна власт од постоењето на Македонија, бидејќи поголем дел од медиумите создаваат слика пред медиумската и македонската јавност дека ВМРО-ДПМНЕ е ослабено и ја нема повеќе поддршката од  гласачкото тело? Какви резултати очекувате бидејќи г-динот Заев во една прилика порача дека ќе ве згазел и додаде дека ќе останел на власт уште 9 години и 2 месеци, значи овој мандат и уште два други. Жално, но вистинито е дека се што рекол во изминатите години, почнувајќи од протестите на шарените и формирањето на пржинската влада, му се остварува. Очигледно е дека го знае напамет сценариото од точка до запирка.

МИЦКОСКИ: Се што кажавме во минатото се потврдува. Мислам дека во овој момент Зоран Заев е давеник кој се обидува да се фати за сламка и се обидува со еден воинствен речник од типот „газам“ и слично да ја мобилизира сета структура на поддржувачи во рамките на СДСМ, бидејќи според нашите информации постои сериозна раслоеност во рамките на самата СДСМ токму тоа е една од причините зошто Зоран Заев не сака да има предвремени парламентарни избори зошто знае дека ќе доживее дебакл. Инаку нелогично е човек кој е толку сигурен дека блеска, дека ќе згази на избори и така натаму, да не ги организира тие избори, да си добие нови четири години. Но, јас ќе ви кажам тука не станува збор за логика, туку станува збор за страв. Знае дека ги губи изборите, знае дека ќе доживее дебакл и знае дека после дебаклот следи одговорноста за сето ова кое го направи во Република Македонија на било кој план. Следи одговорност за сите досегашни политики, но и следи одговорност и за криминалот кој се случуваше еве веќе трета година поред.

Така што навистина не би можел да се сложам со вас дека ВМРО-ДПМНЕ е ослабено, бидејќи реалноста е сосема поинаква јавното мерење на јавното мислење оди во насока на тоа дека поддршката на ВМРО-ДПМНЕ се зголемува, а поддршката на СДСМ опаѓа. Последната анкета која е објавена во текот на вчерашниот ден е јасно недвосмислено покажува огромна поддршка на ВМРО ДПМНЕ споредено со СДСМ. Таа поддршка, сме кажале во минатото, доколку сега има парламентарни избори ќе биде изразена најмалку со 100.000 гласа разлика помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Така што ВМРО-ДПМНЕ е силна, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека е најголемата политичка партија во Република Македонија. Се разбира, постојат одредени политички егзибиционисти и маргиналци кои одлучија да му слугуваат на Зоран Заев и се обидуваат да создадат еден вид немир во рамките на десницата за кои што јас веќе зборував кои се уште се претставуват како членови на ВМРО-ДПМНЕ, а во суштина се ништо повеќе од чираци и слуги на Зоран Заев и кои што се обидуват да кажат дека ВМРО-ДПМНЕ било слабо или слично, но нивната улога би ја ставил во групата на статистичка грешка.

СДСМ но пред се Владата, очигледно користат недемократски средства за исполнување на наводни демократски цели. Кога на другата страна имате таков играч како г-динот Заев, Зошто не делувате поостро онака како што поголемиот број на граѓани тоа го бараат од вас?

МИЦКОСКИ: Видете, токму тоа е основната работа помеѓу Зоран Заев и мене. Никогаш во животот нема да влезам во авантура со неизвесен крај. Она кое што практично ние како политичка партија и јас како политичар го водиме е бескомпромисна борба до последната капка пот и крв, до последниот здив, но со користење на демократски алатки, демократски алатки кои што се секогаш во насока на тоа да се почитуваат законот и Уставот. Недемократските средства како што вие велите се одлика на апсолутисти, на деспоти и кога тогаш доаѓа крахот на таквата политика, а после крајот следи одговорноста.  Јас никогаш нема да влезам во битка која ќе биде со неизвесен крај. Влегов во битка, но влегов во битка во која заедно ќе се избориме за голема победа на ВМРО ДПМНЕ. Месеци не делат до таква победа и потоа доаѓа периодот на одговорност.

Инаку, некои анкети во моментот покажуваат водство можеби  на господинот Заев во однос на мене од 2 отсто, но ако направите анализа, минатата година предноста беше 24 отсто. Тоа, во однос на 2,9 отсто оваа година ја дава разликата од 14 наспроти 12 што значи дека мојот рејтинг е пораснат од 2, 9 на 12, 1 а рејтингот на господинот Заев е од 24 отсто е паднат на 14 отсто. Но има тука уште еден дел кој што треба да се реализира, а тоа дека втор политичар од СДСМ не постои а се уште се појавуваат политичари кои што биле дел од минатото во ВМРО ДПМНЕ, кои што имаат рејтинзи. Тоа е добро, тоа само ја потврдува разликата која што помеѓу политиките партии е јасна и тоа се пресликува и во персоналните рејтинзи на политичарите, така што, да сумираме: недемократски алатки никогаш нема да применувам, ќе го победиме со демократски алатки и потоа на исти начин пред правосудството сите тие што се користеле со недемократски алатки и ги прекршиле законите и Уставот ќе сносат одговорност.

Владата на Заев го најави пописот за следната година, а кој попис по сите информации кои ги добиваме е нарачан попис со цел да се прикажат Албанците дека се 30 проценти. Вие од ВМРО-ДПМНЕ се спротивставувате пописот да биди во април до година и таков каков што се планира, и барате пописот да биде во 2021 г.  Која е причината за тоа ваше барање? Со што не се согласувате од она што содржи нивниот предлог закон за тој попис. И доколку власта одлучи сепак да го спроведе без да ве вклучи и вас како опозициона партија, каков ќе биди вашиот одговор?

МИЦКОСКИ: Едноставно ние бараме почитување на препораките на ЕУРОСТАТ, основната препорака на ЕУРОСТАТ е јасна: Се прави попис во првата година на почетокот на декада, а не во последната година од декадата така што 2020 практично е крајната година од декадата, а 2021 е првата година од декадата. Понатаму има јасни насоки како треба да се направи попис и кои се потребниците што треба да ги содржи еден пописен документ. Тоа во овој предлог закон кој што го постави Владата го нема. Ние имаме принципиелни 28 забелешки кои што на ниво на работни групи ги доставивме до Владата, сите се во корелација со директивите на ЕУРОСТАТ и доколку истите тие не бидат прифатени ние ќе го повикаме населението на непопишување.

Вие неколку пати односно многу често знаете да речете дека сте конструктивни и му помагате или се обидувате да и помогнете на оваа Влада да го добие датумот за почеток на пристапните преговори. На социјалните мрежи ве обвинуваат за преголема конструктивност. Обвинувањата одат дотаму дека вие всушност ги исполнувате желбите на бирократите од Брисел, поточно на високите претставници на Европската Унија. Каков одговор имате за ваквите обвинувања?  Дали се уште останувате на  подадената рака, после се она што се случи во последниве неколку месеци?

МИЦКОСКИ: Па мислам дека во досегашниот тек на интервјуто добивте впечаток дека не само што не ја поддржуваме, туку напротив силно се спротивставуваме на ненационалните, ненародните и криминалните политики на овој криминален октопод кој што е инсталиран во Владата на Република Македонија, така што навистина не можам да ја разберам суштината дека ние ја поддржуваме Владата. Напротив единствен кој што сега се бори против оваа Влада и кој што му пркоси на сето ова денешно криминално секојдневие во Република Македонија е ВМРО-ДПМНЕ. Секој кој што сака да се бори против Зоран Заев и оваа Влада е добредојден и ние тоа сме го кажале многу пати во минатото. Но кога станува збор за отпочнување преговори со Европската Унија тоа не е политичко прашање. Тоа е прашање кое што е од интерес на сите граѓани во Република Македонија и ќе ве потсетам, тој процес е започнат уште кон крајот на минатиот век односно кон крајот на минатиот милениум кога е потпишан Договорот за асоцијација и стабилизација во Загреб, потоа во 2005 година со некоја друга влада, Македонија стана земја кандидат, па некоја друга влада во 2008- 2009 добиваше позитивни извештаи од Европската комисија за отпочнување на преговори, а ова што денеска се случува е практично, покрај целокупната жртва на македонските граѓани и на македонската држава, еден заслужен датум кој што треба сите ние да го потпомогнеме.

Ова е граѓанска обврска на сите нас, на секој од нас кој што има некакво влијание во рамките на тие структури кои што одлучуваат во Брисел треба да помогне и треба да направиме се што е во наша моќ Македонија да добие датум за преговори.  И тоа не е поддршка, тоа е напротив поддршка за вековната аспирација на македонските граѓани, а тоа е Европската Унија и НАТО алијансата и тука не треба никој да има дилема, ниту пак некој има дилема.

Вие и вашата партија сте со став дека Преспанскиот договор е штетен односно уништувачки за Македонија. Заев потпомогнат од недворешниот фактор успеа да обезбеди двотретинско мнозинство, а начинот на кој што дојде до тоа, помалку или повеќе на сите им е познат. Го смени Уставот и историското име  на Македонија. Вие велите дека кога ќе дојдете на власт ќе направите се за да ја исправите неправдата која и се нанесе на Македонија.

МИЦКОСКИ: Ние имаме принципиелен, честит и искрен став со граѓаните. За да се случи чекор назад, а поврзан со уставните измени потребни се да бидат исполнети 2 критериуми за некои одредници а за некои само еден. Потребни се    осумдесетина пратеника, а за некои одредници и Бадинтерово мнозинство. Ние можеме позади тастатурата да седнеме и да пишуваме секакви пароли колку е значаен овој процес, кои се предавници, кои не се предавници и т.н., но ние имаме обврска ние имаме одговорност пред македонските граѓани во Македонија, но и пред дијаспората, и ние мораме како политичари да бидеме слуги на народот и секогаш безусловно да ја зборуваме вистината. Јас не сум политичар кој што зборува она што другите сакаат да слушнат.

Јас ја зборувам вистината и порано или покасно вистината излегува на виделина. Така што единствен начин, покрај чистотата и честитоста што ја задржа ВМРО ДПМНЕ нелегитимирајќи го Преспанскиот договор е да се победи на парламентарни избори да се стави Македонија на брза лента да биде дел од европското семејство на народи и тогаш да ги разгледаме можностите кои што ни стојат на располагање. Многу едноставно, но потребна е многу работа, потребно е многу одрекување потребно е навистина помош и од дијаспората но и од граѓаните на Република Македонија во рамките на самата Република Македонија. Осумдесет пратеници и Бадинтерово мнозинство се потребни за одредени одредници од Уставот. Да тоа можеби не е во насока на тоа што некој очекува да го слушне, но јас не можам да зборувам лаги да ги подгревам очекувањата на луѓето а потоа да следат големи разочарувања. Поддржете не за да можеме да ги победиме, потоа да ги спроведеме реформите и во рамките на европското семејство да ја исправиме оваа неправда која што ја нанесоа овие политичари.

Македонија никогаш досега не са наоѓала во потешка ситуација од денешнава. Во сета нејзина историја до 44-та, 45-та се борела за својата држава а сега после онаа одлука на  Заев  и  неговата  влада  со  која  одлука  го променија Уставот и името на државата, за прв пат доведени сме да се бориме да ја браниме поточно да ја вратиме државата во оној облик во која беше создадена. Ќе успеете ли во тоа г-дине Мицкоски? Има  еден  природен  поим  феномен  а  тоа  е  она  со гуштерите, вероватно и на вас ви е познат.  Дел  од  нашите  политичари  го  прават  обратното. Откинуваат  дел  од  историјата  и  им  ја  подаруваат на соседите, односно испорачуваат како на тацна како што во една прилика рече председателот Пендаровски.  Г-дине  Мицкоски, до  кога    политичарите  во Македонија ќе се занимаваат со квази политика или политика на самоуништување? До  кога  ќе  откинуваме  дел  од  нашата  историја и корени и ќе им ги даваме на соседите?  Колку долго ние Македонците треба да чекаме дека сите оние кои се занимаваат со политика и кои сакаат да бидат бедемот на одбраната на Македонија, добро да го проучат природниот феномен со гуштерите?

МИЦКОСКИ: Токму тоа беше и мојата основна водилка, основен мотив, за да се пријавам на тогашниот јавен повик за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што со својот пример и начин на функционирање и како човек и како политичар, сакам да го заслужам и сопственото место во историјата, но и нешто историски да направам за својот народ и својата држава. Да ве потсетам дека како најдобар студент во генерација јас се пријавив доброволец за да го служам воениот рок тогаш. Бев во странство и таму го стекнав своето знаење на универзитетите во Западна Европа и повторно се вратив во Република Македонија и тука ја создадов мојата фамилија. Во партијата волонтирам еве практично втора година по ред бидејќи и паралелно предавам на Машинскиот факултет во Скопје при Универзитетот Свети Кирил и Методиј. Така што, во принцип никогаш нема да дозволам лукративноста и нивните материјални вредности да ми бидат на прво место.

Напротив, патриотскиот дух, домољубието и татковината се оние темели што за мене беа водечки кога прифатив да се кандидирам на тој конкурс. Еве веќе две години тие се мотивите кои што ме мотивираат мене на дневна основа да го работам ова што го работам. Мораме да докажеме пред нашите граѓани кои денес се толку разочарани, толку депримирани од сите политичари бидејќи се чувствуваат излажани, а потоа и украдени од страна на политичарите кои ја добивале нивната доверба. Мораме нешто да смениме, мораме да го вратиме оптимизмот и духот на сметките на нашите граѓани. А тоа едноставно можеме доколку сме искрени и доколку сме чесни и честити во работата во владеењето. Јас мислам дека тоа го можам. Имам план, имам стратегија, имам тим на луѓе кои што тоа ќе го спроведат и се надевам дека за година од сега, сите граѓани на Република Македонија без разлика дали се од Република Македонија или се дел од македонската дијаспора ќе бидат горди што се Македонци и ќе бидат горди на својата татковина Република Македонија. Потребна ни е шанса и ние никогаш не се срамиме да молиме да ја добиеме таа шанса.

Г-дине Мицкоски неколку прашања поврзано со избори било да се парламентарни редовни или предвремени а кои прашања ги поставуваме и ќе ги поставуваме на сите лидери на македонските политички партии, кои гостуваат и ќе гостуваат на Македонски корени. Која е причината што изостануваат средби или пак во најмала рака иницијативи за средби со лидерите на македонските политички партии кои се уште не се дел од власта или опозицијата, а претендираат да бидат и прокламираат дека ќе се борат за враќање на Македонија на прав пат и ќе го повратат сето ова што Владата на г-динот Заев го продаде на соседите како на тацна. Дали е можмо да се дојде до договор и како да се стигне до посакуваните 62 пратеници, односно до 82 пратеника потребни за двотретинско мнозинство, како до обезбедување Бадентер и како ќе се врати македонската државност?

МИЦКОСКИ: Секој оној добронамерник, секој оној кој што сака вистински да се бори против оваа ненародна, анационална, арамиска влада е добродојден. Без разлика дали станува збор за невладина организација, здружение на граѓани, политички партии. Без разлика на нивниот етнички состав, без разлика на нивниот верски состав е добредојден. Нашатаа врата е отворена и ние буквално тоа сме го повториле многу пати во минатото и јас лично десетици пати сум го повторил. И еве ја користам оваа прилика и во вашата емисија истото тоа да го повторам. Сите оние кои што сакаат да застанат на патот на овие политики кои што ја водат Македонија, обавезно се добредојдени, подготвени сме да седнеме и да се договориме за понатамошното функционирање. Но се разбира врз основа на реалноста а не врз основа на реторика која што само ќе им обезбеди привилегија а потоа, веднаш потоа дојдат оние големи разочарувања и напуштања на тие концепти. Сите оние честити поединци, политичари, невладини организации, здруженија на граѓани кои што сакаат да застанат рамо до рамо со нас во битката против оваа погрешна власт се добредојдени.

Кој од следниве изборни модели е поприфатливи за Вас од ВМРО-ДПМНЕ: мнозински изборен модел со 120 изборни единици и отворени листи, една изборна единица или сегашниов модел со шест изборни единици: И, дали би поддржале закон со кој би се предвидело секој пратеник кој ќе ги изневери своите гласачи да биди отповикан и на неговото место да се распишат предвремени избори?

МИЦКОСКИ: Апсолутно го разбирам вашето прашање и тоа често пати на средбите со граѓаните го добивам како прашање и во Македонија. Дали оние пратеници кои што ги изневериле очекувањата на гласачите можат да се отповикаат? Во овој момент тоа практично е невозможно бидејќи е потребна промена на Уставот, а за таква промена во моментов нема расположение помеѓу самите политички чинители. Што се однесува до промената на изборниот модел, секој изборен модел кој што ќе гарантира поголем квалитет на гласот на граѓанинот во Република Македонија ние ќе го поддржиме. Но ова кое што го предлагаат апсолутно не е во таа насока. Сосема спротивно е на ова што јас го говорам. Така што секое она решение кое што е во насока на подобрување на квалитетот на гласот на граѓанинот е добредојдено и ќе биде поддржано од ВМРО-ДПМНЕ. Таков на пример модел е принципот на англискиот изборен модел, кој прв освои повеќе гласови тој да биде пратеник во рамките на 120, да речеме, изборни единици во Република Македонија.