Шокантно е тоа што се случува во здравството. Се сеќавате на оние билборди за европско здравство, а од друга страна гледате мафија во здравството. Ние како ВМРО-ДПМНЕ предупредивме пред отприлика 2 години за ова што денес е актуелна тема, а пред отприлика 6 месеци медиумите се занимаваа со ова, а гледате дека на МВР на Спасовски му требаше речиси две години да отпочне, внимавајте, предистрага. Значи тука немаме ни истрага, коментираше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ , Христијан Мицкоски на темата со големиот скандал со трговија со цитостатици на Клиниката на онкологија во текот на својата посета на Прилеп.

Тој истакна дека сите оние кои се дел од ваквата здравствена мафија за неколку месеци од сега ќе бидат изведени пред лицето на правдата и во соодветна постапка ќе одговараат.

За месеци од денеска, сите овие луѓе што се дел од оваа здравствена мафија, која што профитирала на грбот на пациентите кои што го губеле својот живот, ќе бидат изведени пред лицето на правдата и нормално соодветно на доказите ќе бидат санкционирани, рече Мицкоски.

Мицкоски истакна дека покрај кривичната одговорност, треба да се бара и политичка одговорност за тие кои знаеле за ваквите состојби, а ништо не преземале во месеци и години.

-Но тука се поставува и политичката одговорност. Ако некој пред две години предупредувал, вие медиумите пред 6 месеци, зошто на некој му требаше 6 месеци да чека за да отпочне предистрага? Прашањето е колку човечки животи во меѓувреме се загубени? – праша Мицкоски