Во Македонија од 2018 година до денес власта врши грабеж и криминал, постои модел кој власта го создала за испумпување народни пари од државата, особено преку РЕК Битола и ова не е единствен случај туку е само најновиот во низата во кој компанијата „СВ Инвест” која од минатата седмица е во стечај, истакна во петокот вечерта лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во текот на гостувањето во емисијата „360 степени” на Алсат М телевизија

„Фирмата ‘СВ Инвест’ оди во стечај. И тоа е поради сериозни суми неплатен данок, милионски суми на неплатен данок. Тоа е проверена работа и тоа не е прв случај. Ако го анализирате случајот на една пропадната банка и ако видите колку компании кои што гравитираат околу семејството Заеви, во Струмица немаат платено обврски кон таа банка или пак определени давачки кон државата ќе ви стане јасно се. Тоа е проверен модел за овие луѓе. Ова не е патентирано сега само или како исклучок за компанијата ‘СВ Инвест’. Еве погледнете го списокот на компании кои што да речеме не си ги исполниле обврските кон ‘Еуростандард банка’ којашто сега е во стечај, а коишто се од Струмица. И некако јавноста знае дека тие се поврзани со семејството на власт“, посочи Мицкоски.

Едноставно е, додаде Мицкоски, станува збор за криминал и грабеж.

„Овие три години од први јануари 2018-та до 31 декември 2020-та година бруто домашниот производ во Македонија пораснал за 700 милиони евра, јавниот долг пораснал за една милијарда и 700 милиони евра. Една милијарда фали, украдена е. Ја нема“, рече Мицкоски.

Тој пак се осврна и на аферата за РЕК БИТОЛА.

„Еден од двајцата сопственици кои што се жртва на овој рекет, на оваа изнуда, дојде кај мене во тој период и разговаравме. Ми го опиша настанот, и јас му реков види јас ниту сум истражен орган, ниту можам некако да ти помогнам и го упатив во МВР да даде исказ, овие да ги согледаат наводите кои што тој ги дава во исказ и врз основа на тоа да постапат. Претпоставувам дека отишол тогаш во МВР дал исказ, и тој исказ е содржан во една од двете верзии кои што јас ги презентирав пред јавноста“, истакна Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ при гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат М телевизија.

Мицкоски додаде дека има две верзии на записник. Првата е откако еден од сопствениците дал исказ, МВР составило известување, а тоа известување достигнало во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, и откако виделе дека таму се наоѓаат овие имиња кои што се поврзуваат со семејството на власт, отишле определени луѓе, постојат основани сомневање дека отишло лицето Лазе Велковски, ја земале првичната верзија од записникот и го корегирале. И потоа ја пратиле новата односно втората верзија на записникот од каде што тој дел каде што се споменуваат имиња на фамилијата блиска до власта го нема.

„Иако видите влезниот печат кај едниот и кај другиот документ се наоѓаат на различни делови од првата страна иако се со ист број“, укажа Мицкоски.

Околу својата вчерашна изјава во врска со случајот „Рекет на Вице” која ја даде за медиумите во Прилеп, истакна дека не ретерирал туку дека иронично се обратил до Обвинителството да истражи кое лице е вмешано во скандалот со РЕК Битола.

„Јас претпоставувам ја разбравте иронијата и сарказмот во мојата изјава, инаку јас зборував токму тоа лице Вице Заев и оваа фамилија на власт дека се длабоко замешани во вакви скандали уште многу пред ова да се објави на македонската јавност“, истакна Мицкоски.