Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски при синоќешното обраќање во Кичево рече дека доколку еден пратеник ја изневери неговата довербата и гласа за уставните измени, тогаш тој засекогаш ќе замине од политиката.
– Пред нецела година јас кажав дека доколку само еден пратеник ја изневери мојата доверба, вашата доверба, довербата на граѓаните, јас заминувам од политиката. Денеска ќе го слушнете Ковачевски и Владата кои велат дека јас се борам за мојата фотелја во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Јас бев единствениот кој кажа дека доколку еден ја изневери мојата доверба, јас заминувам. И сега кој се бори за фотелјата, праша Мицкоски.
Тој потсети на периодот кога тогашната власт бараше гласови за менување на името на Република Македонија и рече, најдоа гласови во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Трчаа по ВМРО-ДПМНЕ и најдоа осум гласови. Тоа беше голем срам за партијата, нагласи тој.
-И не беа само осумина пратеници, беа повеќе, имаше неколкумина кои беа на „резервната клупа“. Да, тоа е вистината. Додека не ја погледнеме вистината во очи, нема да бидеме подобри. Така беше. И затоа ви повторувам, ако еден пратеник ја изневери мојата доверба, јас заминувам од политиката, порача Мицкоски.