Сите заедно успешно се справивме со првиот бран на Ковид-19, но опасноста не помина и не треба сега, кога е лето, да се заборавиме, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку социјалните мрежи, објавувајќи ново видео со совети за заштита од коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис ги повика граѓаните да се придржуваат кон превентивните мерки, особено сега „кога Грција постепено се отвора за посетители“.

-Опасноста од коронавирусот е се уште тука. И сега кога постепено ја отвораме Грција за посетители, треба да внимаваме уште повеќе. Веќе сите ги знаеме мерките на заштита од коронавирусот, но лесно е да се заборавиме. Ова не смееме да дозволиме да се случи, е дел од пораката во видеото со информативни совети, што Мицотакис го сподели на социјалните мрежи.

Едноминутното видео ги потсетува Грците на основните мерки за лична заштита, често да ги мијат рацете, да не го допираат лицето, да го одржуваат потребното растојание, а доколку тоа не е можно, особено во затворени простори, да се користи маска.

-Го спречуваме ширењето на коронавирусот, го заштитуваме општеството, остануваме безбедни, е пораката на крајот од видеото.