Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска ја започнува официјалната посета на САД, а во Вашингтон ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден и ќе има обраќање во Конгресот, јави дописничката на МИА од Атина.
Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, на брифингот со новинарите во петокот рече дека Мицотакис и Бајден ќе разговараат за меѓународните и регионалните теми, турските провокации, билатералните прашања во рамките на стратешките партнерски односи Грција- САД, руската инвазија во Украина, како и енергетиката.
Според официјалната програма, Мицотакис доцна вечерва ќе се сретне со Бајден во Белата куќа, додека пак утре ќе оствари средби со потпретседателката на САД Камала Харис и претседателката на Претставничкиот дом на САД Нанси Пелоси и ќе се обрати во Конгресот.
За обраќањето на Мицотакис во Конгресот, портпаролот на грчката Влада истакна дека станува збор за почесна покана што се упатува на странски лидери во екстремно ретки случаи.
-Во САД, премиерот ќе зборува со претседателот Бајден и ќе се обрати во Конгресот, како што самиот нагласи, не само во име на Грција, туку како претставник на хеленизмот. Ќе зборува како премиер на земја која има самодоверба и е кредибилен сојузник и фактор на безбедноста и стабилноста на Балканот, во Медитеранот и Југоисточниот Медитеран, истакна Иконому во петокот.