Регистирана е тенденција на зголемување на бројот на обиди за илегален влез на јужната граница на Македонија, каде лани беа спречени 3.220 обиди за илегален влез, а во првите пет месеци од годинава се веќе спречени 3.150 обиди, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на сесијата „Миграциска криза и балканска рута“ на Рос-Рот семинарот на Парламентарното собрание на НАТО што се одржува во Скопје. Тој додаде дека Македонија нема никакви услови да отвори нови кампови за мигранти, а земјава веќе располага со два транзитни центра за краток престој
Спасовски рече дека безбедносната состојба на државните граници, во моментов, е генерално поволна.
За справување со евентуален иден масовен прилив на мигранти, според министерот, продолжено е времетраењето на Одлуката за прогласување кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, а на македонско – грчката граница континуирано од декември 2015 година се распоредени и странски полициски службеници од осум европски држави. Усогласен е и текстот на договорот со Фронтекс со кој ќе се овозможи распоредување сили на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража доколку се укаже потреба од тоа.
– Поради својата местоположба Република Македонија не по своја вина се најде во центарот на мигранстката криза и е една од земјите кои го поднесоа најголемиот товар во справувањето. Низ нашата територија во 2015 и до средината на 2016 година транизитираа околу 800.000 мигранти што е повеќе од една третина од вкупното население на државата, а во одредени периоди транзитираа и над 10.000 мигранти дневно што е предизвик и за многу поголеми држави, потсети Спасовски.
За справувањето со состојбата, потенцира, беа ангажирани целокупните национални капацитети, а начинот на кој се направи од сите домашни и меѓународни фактори беше оценет како успешен.
– Со затворањето на западнобалканската рута за транзит на мигранти не завршија и предизвиците на ова поле. Сведоци сме на постојани обиди за нејзино заживување но овој пат на илегален начин. Мигрантите се уште се обидуваат илегално, самостојно или со помош на криумчарите транзитираат низ Република Македонија кон север и понатаму кон своите крајни дестинации, рече Спасовски и додаде дека тоа е тренд што важеше за 2017 и првата половина на 2018 година.
Во последниот период е регистирана тенденција на зголемување на бројот на обиди за илегален влез.
– Најмногу загрижува што голем дел од илегалните мигранти се обидуваат да користат услуги на криумчари на мигранти и тоа не само во Република Македонија, туку во целиот регион. Со тоа криминалните групи незаконски се стекнуваат со голем профит, а мигрантите сами се доведуваат во ранлива положба, односно нивните животи и здравје да бидат загрозени од страна на криумчарите. Сузбивањето на оваа појава е една од нашите приоритети, потенцира Спасовски и додаде дека во таа насока е формирана Национална единица за сузбивање криумчарење мигранти и трговија со луѓе која официјално започна со работа од март годинава.
Тој посочи дека за успешно справување со илегалната миграција е неопходен заеднички пристап и координиран одговор од сите засегнати земји од регионот и пошироко, како и навремена размена на информации, систем за рано предупредување, но и заеднички оперативни активности.