Младото момче Никола Саздовски е жртва на свирепо убиство, а не на некакво обично загрозување со насилство. Бог да му душа прости и сочувство до родителите и неговите најблиски, но вистината мора да се утврди. Ова свирепо убиство не може да се заташка со погрешна правна квалификација на дејствието на сторителите како обично кривично дело насилство од членот 386, кое кривично дело во основниот облик се состои од загрозување на сигурноста со грубо насилство, кое во јавноста предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв.
Кривичното дело насилство од членот 386 во основа е кривично дело на загрозување и спаѓа во групата на кривичните дела против јавниот ред. Според ставот 2 и 3 на ова кривично дело, извршување на делото се состои од фрлање на пиротехнички средства или предмети на спортски терени или гледалишта или ако делото е извршено во група од две или повеќе лица.
Ниту еден од овие елементи на кривичното дело не произлегуваат од фактите за настанот во кој е убиен Никола Саздовски. Покојното момче Никола стоело на автобуската станица и чекало автобус. Тој бил сосема сам и никому не дал никаков повод и никого не провоцирал да биде нападнат. Откако Никола од трите лица кои биле во патнично моторно возило Мерцедес бил забележан на автобустата станица, тие веднаш застанале со возилото, излегле од него, се упатиле према покојниот Никола и почнале крвнички да го удираат со разни средства по виталните органи, по лицето и главата и по целото тело и со тупаници и клоци. Го удирале се додека не паднал и кога паднал во безсознание од смртоносните повреди кои му ги нанеле. Намерата на обвинетите не била сега покојниот да го заплашат, туку со фактички преземените дејствија ниваната намера била да го лишат од живот.
Може ли ваков настан да се квалификува како обично кривично дело насилство? Сосема е очигледно дека во случајот се работи за квалификувано кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 4, сторено од безобзирна одмазда и ниски побуди, за кое кривично дело е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор. Три лица напаѓаат Никола Саздовски и го лишуваат од живот. Тоа не е обично насилство, како дело на загрозување, туку свирепо убиство.
Секоја намера да се минимизира самиот настан е доста опасна и не е во интерес на општеството, кое мора да се бори со сите законски средства за обезбедување на сигурност на граѓаните да не бидат жртви на вакви злосторници кои лишиле од живот еден млад човек кој што туку зачекорил во животот. Во интерес на вистианата и правдата, обвинетите мора да одговараат за злосторот што го строриле, да се влијае на нив самите и да се спречува извршување на вакви или слични кривични дела.
Никој да не се обидува да ја прикрива вистината. Вистината излегува на виделина, за жал, овој пат вистината за смртта е на едно младо момче.
Михајло Маневски за Денешен