Милан Радојчиќ, кој до неодамна беше претседател на Српската листа ја презеде одговорноста за нападите на Косово, кои се случија во неделата.

Ова го соопшти неговиот адвокат Горан Петронијевиќ. Косовските власти уште во неделата изјавија дека зад вооружената група која изврши  напад во селото Бањска во кој загина косовски полицаец, а потоа беа убиени четворица Срби, стои Радојчиќ.

-Ја известувам јавноста дека заедно со моите сонародници од северот на Косово и Метохија, дојдов на северот на Косово и Метохија, до село Бањска, на 24 септември.

Причината за нашето враќање беше да го поттикнеме српскиот народ од тој крај да се спротивстави на теророт на кој е секојдневно изложен. Ги известувам сите дежурни прогонувачи на српскиот народ, од Курти до бројни странски помагачи, дека лично ги направив сите логистички подготовки за одбрана на народот, а овој чин нема никаква врска со мојот претходен политички ангажман, стои  во писмото од Радојчиќ.

Радојчиќ со години се споменуваше како контроверзен бизнисмен на северот на Косово, поврзан со многу криминални дела, од нелегална трговија со градежен материјал до убиството.

Тој во писмото до јавноста вели дека ова што го направил нема никаква врска со неговата политичка инволвираност.

– Не известив никого за ова бидејќи веќе имавме различни позиции по прашањето за отпорот кон режимот на Курти, се вели во соопштението на Радојчиќ.

Во писмото тој пишува дека сите досегашни методи на отпор не довеле до подобрување на животот, туку до зголемување на бруталноста на режимот на Курти, поради што решил така да постапи.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претходно денеска соопшти дека и Радојчиќ поднел оставка како претседател на Српска листа.