Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик утре во Москва ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, потврди неговата советничка Ана Тришиќ-Бабиќ.

Тришиќ-Бабиќ изјави дека на средбата меѓу Путин и Додик се очекуваат разговори за сериозни економски прашања.

– Очекуваме да се разговара за сериозни економски прашања за кои денес зборуваат сите сериозни политичари, како да ја поминеме оваа зима, пролетта и следната зима, изјави таа за Алтернативната телевизија на Бања Лука.

Според неа, претстојната средба во Москва е продолжение на разговорите што почнаа на Економскиот форум во Санкт Петербург на крајот на јуни.

– Една од темите на состанокот ќе биде енергетската ситуација и како Република Српска да помине што е можно подобро во сето ова што се случува. Веројатно ќе има и дискусија за тоа до каде сме стигнале со проектот за гасоводот од Србија до Република Српска, додаде Тришиќ-Бабиќ.

Таа, исто така, рече дека Русија секогаш нагласува дека ја поддржува дејтонската Босна и Херцеговина во нејзините граници, почитувајќи ги трите конститутивни народи и два ентитета, како што е наведено и во Уставот на Босна и Херцеговина.

Додик патува за Москва на крајот на кампањата за изборите на 2 октомври, на кои ќе се бори за функцијата претседател на РС.