На телевизија Телма во емисијата „Топ Тема“ гостуваше Антонио Милошоски пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој се осврна на Предлогот на Законот за изменување на Изборниот законик и посочи дека предложените измени имаат за цел да го направат изборниот процес поефикасен и ја повика опозицијата да не го попречува донесувањето на законските решенија.
„Загрижува најавата дека тие планираат да го блокираат Предлогот на Изборниот законик, Предлогот за Изборниот законик во најголем дел опфаќа инкорпорирање на препораки на ОБСЕ/ОДИХР, тоа се препораки коишто ги прават изборите полесни, поефикасни за ДИК каде што СДС има претседател, и сметам дека таквите препораки и нови норми не заслужуваат политичка блокада. Доколку СДС и ДУИ во претходниот мандат правеа чести злоупотреби на европското знаменце за закони коишто немаат врска за усогласувањето на македонското со европското законодавство, јас како претседател на комисијата немам намера да дозволам закон којшто не доаѓа од таа област да се злоупотребува европско знаменце за да го поминеме или да избегнеме филибастеринг, тоа нека биде одговорност на опозицијата и нивното поведение“, рече Милошоски и додаде:
„Очигледно е дека СДС носи одлука спрема Изборниот законик заради желбата на претседателот на СДС да се заштити или да најде алиби од некој следен изборен пораз. Филипче се повлекува од Изборниот законик, од работната група само заради својата лична кариера“.
Милошоски обвини дека Венко Филипче и опозицијата не учествуваат активно во расправата за законите поврзани со Реформската агенда, посочувајќи дека опозицијата е речиси целосно отсутна од дебатите за реформските закони.
„Имаме дебата, не се законите спорни поминува јавна расправа, поминува комисиска расправа, доаѓаат на пленарна седница присутни се тука пратеници од опозицијата, не гласаат никако, ниту за ниту против ниту воздржани, а законот е од Реформската агенда, ниту пак некогаш бил присутен претседателот на СДС, Венко Филипче, ретки случаи да дојде и да даде своја забелешка, критика. Комплетно е отсутен од дебатите за Реформската агенда, и не ни гласаат“, рече Милошоски.




