Македонија ќе увезе 8,5 тони марихуана од јужноафриканската држава Лесото, објави поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник, Антонио Милошоски.

– Македонија станува трговска нарко-база на Балканот. Вчера е објавена вест за голема зделка со марихуана вредна околу 85.000.000 американски долари, меѓу Лесото и Македонија. Лесото е мала, корумпирана, сиромашна земја во јужна Африка, чија влада ги контролира плантажите со канабис. Лесото не е членка на ЕУ, но овој бизнис носи толку многу “суви” пари за фамилијата на власт што ја објаснува намерата на Заев и Филипче да предложат Закон за увоз-извоз на (опојна дрога) сува марихуана со ЕУ знаменце. На владата и е побитно да тргува со опојна дрога за профит на мала група функционери, наместо да создаде услови за странски и домашни модерни инвестиции за развој на економијата, објави Милошоски на Фејсбук.

Како што е објавено, зделката од 8,5 тони медицинска марихуана е најголемиот извоз што го направила оваа мала држава која како „остров“ се наоѓа во границите на Јужноафриканската Република и од сите страни граничи со ЈАР.

Се уште не се знае кој е увозникот на оваа рекордна пратка и каде марихуаната ќе заврши. Лесото е поранешна британска колонија која стекна независнот во 1966 година и има околу два милиона жители.