Иницијативата за интерпелација на Владата не е исклучена. Ова го најави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното интервју за Сител, кој рече дека за недоверба на актуелната власт би гласале и пртеници од власта. Деновиве и претседателот на партијата Христијан Мицкоски упорно тврди дека за неколку месеци ќе се види дека пратеници кои што се од пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ ќе го поддржат распуштањето на парламентот и промена на Владата, пишува ТВ21.

„Опцијата за поднесување иницијатива за недоверба на Владата е во игра како една демократска алатка преку која што може да се канализира ова незадоволство на граѓаните и незадоволството на поголем број пратеници. Но од друга страна тоа што не изненади е што во самите структури во СДСМ внатре во Собранието се појавија вакви пратеници, поединци или помали групи кои што оваа опција не ја исклучуваат.“, вели Милошоски.

Но сето ова како невистинито го отфрлаат од владејачката партија. Мартин Костовски пратеник на СДСМ во изјава на ТВ21 ги демантира како невистинити изјавите на Милошовски. Вели дека тоа се само негови дневно-политички шпекулации и дека пратеничката група е единствена.

„Мантрата на лаги, манипулации, замајување на јавноста со тотално абнормални работи можам слободно да кажам во врска со дневно-политичките настани продолжува. Господинот колега Антонио Милошоски е докажан човек кој што е склон кон такви лажни вести и манипулации. Јас ја уверувам македонската јавност дека нема шанси за такво нешто некој од владејачкото мнозинство да гласа за интерпелација за Владата и поддршка на опозицијата“, изјави Костовски.

Но, Милошоски тврди и дека таквите пратеници биле под одреден притисок од партиските структури.

„Јас сметам дека има пратеници од СДСМ кои што би поддржале таква интерпелација за или би рекол недоверба на Владата, но истовремено сметам дека дел од тие пратеници во последниве денови се под одреден, би рекол притисок на луѓе од извршната власт да го менуваат своето мислење или барем да се воздржат од искажување на тоа мислење надвор од оние неформални разговори-вели Милошоски.