Ќе го блокираме предлог – законот за надворешни работи, во кој за амбасадор се дозволува да има и друго државјанство, освен македонско, објави на „Фејсбук“ пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

– Тоа е погрешно решение и ќе поднесеме 300 амандмани, стои во објавата на Милошоски.

Тој  наведува три причини за блокадата.

– Прво, затоа што измената е произволна и претставува обид законот да се прилагоди на неколку персонални решенија на владините партнери за пополнување на амбасадорски позиции. Второ, овие измени, како што наведува Милошоски, се спротивни на Законот за класифицирани информации според кој неопходен предуслов за кандидатот за амбасадор да добие „безбедносен сертификат со степен Државна тајна“ е да не е државјанин и на друга држава, а амбасадор без безбедносен сертификат не е амбасадор. Третата причина за блокада на предложениот закон е тоа што дипломатијата, како и безбедноста, е сензитивна професија каде лојалноста кон матичната држава Македонија не смее да биде доведена под знак прашалник, наведува Милошоски.

Тој на „Фејсбук“ објави дел од амандманите кои ќе ги поднесат за блокада на предложениот закон.