Мимоза РАЈЛ

Излезена на пазар да купам некои намирници, една жена со изморен и тежок изглед ми вели “земете сончогледи на распродажба се, останаа уште неколку”. Па се сетив на Данило Киш и неговото предавање: “Помеѓу полтронското и вистински човечкото”. Си припомнав и на значењето за поимот сончоглед како антипод на поимот интегритет. Сончоглед – да се вртиш секогаш каде што грее сонцето и да ги пиеш секогаш најубавите сокови, а притоа да не те интересира што е став, СРАМ, правда, вистина, татковина и интегритет.

Има кај нас такви безрбетници на распродажба колку сакаш, оние кои за време на кампањата беа во странство, оние кои тогаш се криеја во длабоките сенки, не дај Боже да кажат макар еден збор за сега актуелната власт, а камоли да напишат нешто, а и може некој да ги види на митинг. Не, никако, па тие не беа сигурни кој ќе победи.

Тоа се, ако се сеќавате, оние дебело платените со грантови на претходната власт, неспособни во храброста да застанат пред неизвесното и да кажат јасно и гласно – кого и која платформа поддржуваат и за што се борат. Не можат, затоа што и не знаат за ништо друго освен за сопствениот наполнет стомак, а него го хранат само победниците.

Еве ги сега со истите искривено-насмеани лица, слушам дека нас не нарекувале пепелари. Да не се трагични ликови ќе беше премногу смешно! Истите оние кои чекаа во заседа да го видат епилогот на изборите, да го кажат она УРА или УА без разлика кој е победникот.

Достоевски нив многу убаво ги опиша преку ликовите на Смрдљаков и Лебјадкин (во името е знакот) како прототипи на нихилизмот и несвесниот човек. Лебјадкин кој себе си се декларира како верник вели дека кога ќе падне мрак тој е верник, но со првиот изгрев на сонцето тој станува атеист. Тоа е таа бурлеска кога го гледаме “човекот” и неговата ниска природа. Тоа се тие шизофренично – расцепкани карактери кои едно мислат, друго прават, трето зборуваат. На крајот ќе се изгубат во темнината на сопствената аганоја на непостоењето и неприпаѓањето, но, со наполнет стомак. Но, дали народот има кратка меморија? Изгледа дека е така.

Тоа се оние кои ја сочинуваат сивата аморфна маса, оние со маска на многу важни ликови иако длабоко во себе ја знаат својата ништожност, оние кои и Данте Алигиери ги стави во својот пекол на непостоењето. Данте кои ги почитуваше многу повеќе своите непријатели, но со став, него ли овие безрбетници.

Јас се уште не можам да дојдам на себе од ужасот на неморалот, со каква леснотија го бришат она што до вчера го зборуваа и премолчуваа како вистина и факт, а сега без образ и срам се префрлаат на друг вокабулар!

Да, така ќе биде до првата криза, а веќе го имаат напишано и другиот текст полн со негирање, нека стои како резерва кај нив, за секој случај…

Сончогледи на распродажба уште малку останаа!