На последниот ден од 60. Минхенска безбедносна конференција денеска централно место зазема војната во Појасот Газа, јави ДПА.
Палестинскиот премиер Мохамед Штаје утринава ќе учествува на панел дискусија за иднината на израелско-палестинските односи заедно со поранешната израелска министерка за надворешни работи Ципи Ливни и јорданскиот министер за надворешни работи Ајман ал Сафади..
Војната во Појасот Газа меѓу Израел и палестинската исламистичка организација Хамас, која трае со месеци, засега беше незначително засегната за време на конференцијата.
Поединечни говорници, вклучително и германскиот канцелар Олаф Шолц и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, ја вклучија темата во своите говори и повторно се изјаснија за решение со две држави. Тоа предвидува независна палестинска држава, која ќе постои покрај Израел.
Покрај тоа, планирано е денеска на конференцијата повторно да се стави фокус на европските капацитети во однос на војната во Украина. Говорници се грузискиот претседател Саломе Зурабишвили, украинската вицепремиерка Олга Стефанишина и литванскиот министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис.
На друг настан, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, летонскиот премиер Евика Силиња и германската пратеничка Мари-Агнес Штрак-Цимерман, претседавач со комисијата за одбрана на Бундестагот, планираат да разговараат за геополитичката агенда на Европската унија.
Фото: ЕПА