Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на вечерашниот митинг во Гевглеија ги посочи клучните ветувања за следниот мандат.

„Она што го ветуваме за мандатот 2024-2028 година тоа е просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, минимална пензија од 20.000 денари и просечна од 30.000 денари, 200 евра финансиска поддршка за сите нововработени млади до 29 години, нова финансиска помош во поголеми износи за млади земјоделци, зголемена помош за земјоделството 1,35 милијарди евра за четири години и зголемување на финансиска помош за компаниите од 100 на 180 милиони евра“ порача Ковачевски.

Тој додаде дека до крајот на следниот мандат, односно до 2028 година стапката на невработеност ќе биде едноцифрена.

„Невработеноста ќе биде 7% до крај на мандатот“ рече Ковачевки на митингот во Гевгелија.

Ветуваме драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал, потенцираше Ковачевски.

-Специјалистите ќе имаат до 180.000 денари плата, општите доктори, до 120.000 денари. Медицинските сестри, до 90.000 денари. Воедно јавното здравство ќе биде бесплатно за сите осигуреници, додаде Ковачевски.

СДСМ се соочи со голема економска и енергетска криза и со КОВИД пандемија. Како вистински социјалдемократи бевме рамо до рамо со граѓаните, никој не беше оставен сам да се бори со проблемите и предизвиците, потсети Ковачевски.

Во тој период успеавме да спасиме 80.000 работни места и да ги зголемиме и платите и пензиите. Ако ги споредиме само пензиите во однос на 2016, тие се зголемени за 55%. Минималната плата е зголемена за три пати во однос на 2016. Просечната плата е зголемена двојно во однос на 2016. Платите во образованието се двојно поголеми, во здравството се двојно поголеми. Дали е тоа доволно? Не е, треба уште повеќе, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Гевгелија.