За спроведување на новиот закон за минимална плата од државниот буџет годинава ќе бидат потрошени 939.645.000 денари или 15.230.000 евра, односно по 1.197 денари за секој вработен со минималец.

Пратениците на собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска ќе го разгледуваат Предлог-законот за измени и дополнувања на минималната плата, а во образложението за истиот стои:

„Со членот 4 се утврдува висината на минимална плата во бруто износ за март 2022 година заклучно со исплатата на платата за месец февруари 2023 година да изнесува 26.422 денари и овој износ ќе биде основа за усогласување на минималната плата во месец март 2023 година“.

Тоа значи дека минималната плата во нето ќе изнесува 18.000 денари и таа ќе важи една година.

Од предлог-законското решение се гледа дека за спроведување на овој закон до крајот на годината ќе бидат потребни 939.645.000 денари (15.230.000 евра) од Буџетот на државата. За секој работник за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата, државата ќе дава по 1.197 денари.

„Со член 4-д е предвидено за работникот за кој ќе се обезбеди финансиска помош, работодавачот истиот да не може да го отпушти најмалку 1 година по добивање на помошта, а ако го отпушти има обврска да ги врати средствата, освен во случај на смрт на работникот, остварување на право на пензија и престанок на работниот однос по вина или воља на работникот“, пишува во законското образложение.

Во законот е предвидена и нова методологија на усогласување на платите.