За жал, ВМРО-ДПМНЕ се уште не го има променето ставот во поглед на Законот за одбрана и тоа не можам да го разберам, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

– Законот за одбрана влезе во процедура во август и се дебатираше јавно и два пати во Собранието, а ВМРО-ДПМНЕ не даде ниту еден амандман на законот, за сега да информираат оти немаат намера да го поддржат, иако тој бара двотретинско мнозинство, изјави Шекеринска, која денеска присуствуваше на брифингот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски со претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, за состојбата со борбената готовност на Армијата во изминатата година.

Таа потсети дека е постигната согласнот во Собранието за деблокирање на голем дел од законите кои, како што рече, беа заглавени во собраниски процедури, а главно се закони кои нудат шанси за повиски пензии, плати и за права кои граѓаните можат да ги користат ако Собранието даде зелено светло. Очекувам, потенцира Шекеринска, и се надевам дека зборот кој беше даден ќе се почитува.

– Аргументот со уставното име не држи, заради тоа што до денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ веќе има поддржано закони во кои стои нашето уставно име, а пред два дена изгласа Декларација и ја потпиша на кое стоеше нашето уставно име РС Македонија. Ако тие ова го користат како алиби за негласање на Законот за одбрана, единствена порака што ќе ја испратат и дома кон граѓаните, но и кон светот, дека имаат дилеми во поглед на нашето членство во НАТО, изјави Шекеринска и додаде дека затоа бил апелот по прашањето на Алијансата дека е непростиво Собранието сега да не го усвои законот поради една политичка партија.

Според неа, ВМРО-ДПМНЕ ќе сфати дека и нивниот партиски интерес подразбира поддршка на ваков закон и со тоа ќе го дочекаме членството со наша исполнета обврска.

– На Законот за одбрана граѓаните можеби најдобро можат да видат кој е за НАТО, а кој не, рече меѓу другото министерката за одбрана Шекеринска.