Вишото обвинителство има докази за влијание на претседателот на кавадаречкиот суд во конкретен судски предмет каде има 78 телефонски повици помеѓу судијата Лазар Нанев и одредена странка, дознава Алфа од свои извори.

Работна група на Министерството за правда влезе во судот на Нанев за да проверува, а министерот Кренар Лога бара под итно да се испита менаџирањето со АКМИС системот поради големиот број на поплаки против претседателот Нанев од страна на странки во судски постапки, но и поради дописи од Вишото обвинителство кое тврди дека поседува докази за влијание и злоупотреби во судот.

Нанев и е добро познат на јавноста како поранешен претседател на работната група за Акмис системот со која раководеше во 2017 години и проверуваше злоупотреби низ судовите во земјава, а сега се чешла неговото распоредување на предмети. Судскиот совет со месеци во фиока ги чуваше претставките против претседателот Нанев, па дури после неколку месеци формираше комисија која треба да ја проверува работата на Нанев. Министерот Лога обвинува дека и покрај сите индикации и поплаки за злоупотреби, Судскиот совет не постапил како што треба и ги повика членовите веднаш да отворат постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Кавадаречкиот суд, се истакнува во прилогот на Алфа.

Министерството за правда, пак, тврди дека надзорот е редовен:

„Надзорот во Основниот суд во Кавадарци е дел од редовните активности на Комисијата за надзор на функционалноста на АКМИС-от, а беше најавен и на прес конференција од страна на министерот за правда, Кренар Лога. Вакви надзори комисијата во изминатиот период изврши во Управниот суд како и судовите во Куманово, Кратово, Крушево и Берово по што беа изготвени извештаи за констатираните состојби. По извршениот надзор во судот во Кавадарци, комисијата ќе изготви извештај“, информираа од Министерството за правда