Секој месец повеќе вештачко одржување на оваа власт на ДУИ и СДС ќе значи две работи, прво губење време, второ уште подлабока криза. Власта се донесе и себе и државата во ќорсокак. Една година лажеа дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени, за во петокот да стане јасно дека не само што ВМРО-ДПМНЕ не прифатило уставни измени, туку и пратеници од владејачкото мнозинство не поддржуваат промена на Уставот, истакна Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-Сега ДУИ и СДС ќе одат на стратегијата која веќе ја кажаа, одложување на процесот на гласање до последниот ден на оваа влада. Зошто знаат дека кога и да ги стават на гласање, веднаш ќе паднат и ќе нема друг избор освен распишување избори, па така оставаат простор за владеење уште некој месец.
Ова е сосема погрешна стратегија, можеби е добра за врвот на власта и бизнисмените блиски до нив кои профитираат од ДУИ и од СДС, но е поразителна за народот и за Македонија.
Во периодот до избори ДУИ и СДС нема да направат ништо добро, напротив ќе продолжат со крадење, а народот ќе биде се посиромашен. Но тие забораваат дека додека крадат и вештачки се одржуваат на власт се повеќе губат на гласови, и наредните избори ќе го доживеат својот најголем пораз.
Додека ДУИ и СДС вештачки се одржуваат на власт треба да се знае:
1. Учебната година повторно ќе започне без книги;
2. Болните од ретки болести плачат и молат за лекови, а дечиња бараат пари за лекување преку СМС пораки;
3. Луѓе се убиваат низ Скопје, а МВР не можат да ги најдат сторителите;
4. Пензионерите едвај врзуваат крај со крај;
5. Земјоделците нема каде да го продадат произведеното;
6. Младите се иселуваат;
7. Државата се задолжува, а никој не знае каде одат милијарди евра кои треба да ги враќаат идните генерации.
Време е ДУИ и СДС да ја сфатат сериозноста на ситуацијата, зошто со секој поминат ден со нив на власт, Македонија губи.
Со ДУИ и СДС секој ден сме се подалеку и од ЕУ и од добра иднина.
Затоа потребни се избори, кои се единствено разумно решение за излез од кризата, а се друго е губење време.
Во текот на кампањата ќе понудиме патриотско, компаративно гледано, крајно исправно решение кое ќе ги зачува, заштити и унапреди интересите на Македонија, во поглед со спорот со Бугарија. Но, за да го направиме тоа потребни се прво избори.
Време е за избори, време е да ставиме крај на поразите. Време е за промени, додава Мисајловски.