На денешен ден се одбележуваат 25 години од трагичниот настан кај месноста Љуботенски Бачила, каде животите ги загубија осум припадници на резервниот состав на македонската Армија.
По тој повод, министерот за одбрана Владо Мисајловски им оддаде почит на загинатите македонски бранители и порача дека нивната жртва за татковината никогаш не смее да биде заборавена.
„На денешен датум, Македонија изгуби уште осум свои синови, осум македонски херои, припадници на резервниот состав на македонската Армија“, објави Мисајловски.
Станува збор за Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димоски и Раде Јанковски.
„Пред 25 години, кај месноста Љуботенски Бачила, тие храбро го положија својот живот за татковината. Нивната храброст и пожртвуваност се траен аманет за идните генерации“, порача министерот.
Мисајловски упати порака нивните имиња да се споменуваат со гордост, а нивното дело да остане вечен потсетник за нивната храброст и љубов кон татковината.
„Нека нивните имиња се споменуваат со гордост, а нивното дело нека биде вечен потсетник за нивната храброст и љубов кон татковината. Вечна слава на македонските херои!“, напиша Мисајловски.




