Претседателот на ЕС Шарл Мишел порача дека францускиот предлог е историска можност за старт на преговорите со ЕУ и дека таа не смее да се пропушти. Премиерот Димитар Ковачевски пак рече дека Собранието ќе одлучи дали ќе ги почнеме преговорите со ЕУ.

„Македонци имате историска можност да кажете – ДА. ДА , за почеток на преговорите, ДА на ЕУ, ДА за нашите деца. Вашата земја има можност уште еднаш да стане првак во проширувањето, тоа ќе внесе нова динамика, нови реформи кои ќе ве приближат до ЕУ, а тоа ќе доведе до поголем просперитет, стабилност и отпорност на вашиот народ“, изјави претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел кој денеска престојува во Скопје.

„Според мене … Македонија припаѓа во ЕУ, вашата иднина е со нас и заедно сме на почетокот на пробив, на започнувањето на преговорите. Одлуката за ова е кај Вас, тоа е ваш суверен избор. Лично јас сум уверен дека ова е урамнотежено решение, кое што се упатува на вашите загрижености. Целта е јасна, да се започне со пристапните преговори и конечно да се придвижиме кон градење на нашата заедничка иднина во ЕУ. Ако кажете ДА, првата меѓувладина конференција ќе се организира во следните неколку денови и ќе ја имплементира одлуката од март 2020 година“, порача Мишел.