Кризата со мистериозните заболувања на американски дипломати и нивните семејства – која почна во Куба, од неодамна се појави и во Кина – се продлабочува откако Стејт департментот евакуираше уште најмалку двајца Американци од Кина во средата.

Американците кои се евакуирани работеле во генералниот конзулат во Гуангжу. Членови на нивните семејства како и колеги биле тестирани од медицински тим на Стејт департментот, изјавија официјални претставници.

Не се знае колку од нив покажале некакви симптоми, но портпаролка на Стејт департментот за „Њујорк тајмс“ изјавила дека „неколку поединци“ биле испратени во САД на натамошни испитувања.

Со месеци по ред американски претставници се загрижени дека дипломатите се цел на намерни напади, како што се на пример изложеност на непријатни звуци кои доведуваат до симптоми слични на тие како што се „потрес на мозок или помали трауматски повреди на мозокот“, соопшпти Стејт департментот.

Случаите во Кина ја зголемија мистеријата која почна во 2016 година кога вработени во американската амбасада и членови на нивни семејства се разбоелеа во Хавана, на Куба. Вкупно 24 беа погодени со главоболки, вртоглавици, губење на слухот, когнитивни проблеми, а рекоа дека така се чувствувале откако чуле некаков чуден непријатен звук. Прашањето ги влоши односите со Куба која беше ставена под сомнеж, по што следеше дипломатски чекор – протераа кубански дипломати.

Не се знае што е причинител за мистериозната дипломатска болест. Има дури и сомнежи дека можеби станува збор за масовна хистерија.

Како и да е во анализите не се заборава да се спомене дека случаите на заболени дипломати во Кина доаѓа во време кога „Пекинг настојува да го минира највениот состанок меѓу Трамп и Ким Јонг Ун“, но и во период на трговска и воена кинеско-американска затегнатост и по руското мешање во американските избори.