Иако анкетите покажуваат огромна доверба за владејачката партија, Владата останува на ставот дека на Македонија и е потребен период на стабилност и реализација на ветеното, наместо нови изборни циклуси. Ова го потврди портпаролката Марија Митева во гостувањето на 4ТВ, одговарајќи на прашањето дали се планираат предвремени парламентарни избори.
Митева појасни дека доколку ВМРО-ДПМНЕ се води исклучиво од математики и висок рејтинг, изборите би се случиле веднаш, но одговорноста пред граѓаните налага поинаков пристап, објави 4news.mk
Ако го гледаме нашиот тесно политички интерес, би можеле веќе утре да одиме на избори согласно анкетите кои покажуваат несомнена доверба. Но, гледајќи го државниот интерес, не смееме да ја вовлекуваме државата во нов циклус кој троши време и пари, а ја запира реализацијата на проектите. Ова е реформска година на сериозни инвестиции и сметаме дека изборите треба да бидат редовни“, изјави Митева.
Портпаролката нагласи дека владината коалиција е стабилна и максимално фокусирана на програмата, но додаде дека партијата е подготвена за соочување со граѓаните во секое време.
Митева упати остри критики до опозицијата, тврдејќи дека нивните повици за избори се само фасада зад која се крие неподготвеност и внатрешен раздор.
Не гледам дека СДСМ е подготвена – ниту кадровски, ниту имаат визија или програма. Кај нив владее идентитетска криза. Од една страна велат дека се за ЕУ, а од друга излегуваат од работни групи за реформските закони. Кога ќе се спомнат избори, кај нив се чувствува страв и паника. Верувам дека на следните избори ги очекува уште посериозен пораз од оној пред две години“, децидна е Митева.
Таа потсети дека опозицијата не поддржала ниту укинување на техничката влада, што според неа е уште еден доказ за политичката какафонија во која се наоѓа левицата




