Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, во синоќешното гостувања во „Ноќно студио“ на „4ТВ“ дискутира и за можноста од евентуални предвремени избори, при што истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за нив кога и да се одржат во согласност со анкетите што укажуваат на несомнената доверба што партијата ја ужива од страна на граѓаните, а државниот интерес е реализација на инвестиции и програми на кои е посветена Владата, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го пренесува интегрално.
„Мислам дека како Влада имаме навистина стабилно мнозинство и една стабилна коалиција, посветени сме на реализација на владината програма, на она што значи наше ветување пред граѓаните. Ако го гледаме нашиот теснополитички интерес како ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека можеби би одлучиле и веќе утре да имаме избори во согласност со состојбите и анкетите кои покажуваат несомнена доверба што ја имаме“ рече Митева и додаде:
„Но ако гледаме пошироко и ако го гледаме државниот интерес, не ценам дека треба државата да ја воведеме во еден нов изборен циклус, кој навистина ќе изискува и време и финансиски средства. Ова е година во која навистина ќе имаме сериозни инвестиции, една реформска година и сметам дека бевме јасни дека треба да имаме редовни избори. Сепак, без разлика кога и да се одржат, ние сме подготвени за тоа“.
Митева се осврна и на очигледната неподготвеност и на паниката што владее кај опозицискиот СДС во однос на прашањето за предвремени парламентарни избори во согласност со идентитетската криза во СДС и однесувањето што тие го презентираат во јавноста.
„Жалам што не можам да го видам тоа од страна на опозицискиот СДС. Јас не гледам дека се подготвени, ниту се кадровски екипирани ниту, пак, имаат визија, програма, нешто што ќе понудат. Ценам дека во СДС има идентитетска криза и повеќе од очигледно е дека има сериозна паника во однос на делот дали би имало или би немало предвремени избори. Гледате, не поддржаа ни укинување на техничката влада за која велеа дека таа би требало да се укине. Излегуваат од работни групи за закони што се дел од реформска агенда, а од друга страна, држат прес-конференции на кои велат дека тие се за Европската Унија и за европска Македонија“, заврши Митева.




