Во Домот на културата „Драги Тозија“ денеска беше промовирана книгата „Монодрама на лудиот“ од младата авторка Сара Марковска од Ресен.

Ова е второ дело на 15-годишната Марковска, која е ученичка во Гимназијата „Цар Самуил“ во Ресен.

– Многу сакам да пишувам. Првата книга, која ја објавив во 2014 година се вика „Љубовта на мојата стара“, но за разлика од денес таа беше збирка поезија. По четири години повторно промовирам книга, што ме прави особено среќна. Не застанувам со пишувањето, тоа ми е омиленото хоби, истакна Марковска по промоцијата.

Директорот на Домот на културата Васко Василевски истакна дека оваа културна установа секогаш им помага на младите автори при нивното промовирање.

– На наше големо задоволство, повторно имаме творец од Ресен. Иако е млада, таа веќе е промовирана во градот, а ние како културна установа особено сакаме да им помогнеме на младите да го развиваат својот талент кон културните дејности. Нашите врати секогаш ќе бидат отворени за одржување на промоции, изложби, концерти, преку кои ќе се промовираат младите и нивните таленти, нагласи Василевски.

Промотор на книгата беше познатиот писател за деца Горјан Петревски, кој воедно беше промотор и на првата збирка поезија на Сара Марковска.

Промоцијата на оваа книга беше поддржана и од општина Ресен и градоначалникот Живко Гошаревски.