Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) денеска пред Министерството за образование и наука организира предупредувачки протест за да го актуализира нивното барање за олеснување на полагањето државна матура.
На протестот ќе се придружи и движењето „Студентски отпор“ од каде што соопштија дека ќе го искажат нивниот револт зашто институциите, како што велат, немаат слух за повеќемесечните барања на студентите.
ОДАС соопшти дека целта на протестот е да се истакне значењето на нивните ставови во врска со државната матура и да се забрза носењето соодветно решение. Тие од Владата и Собранието побараа годинашната генерација матуранти да имаат скратен обем на материјал за завршниот испит или да се намали бројот на интерни испити.
Претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска, за МИА изјави дека оваа генерација матуранти се најоштетени и дека немале непрекинато една целосна учебна година во нивното четиригодишно средно образование.
-Бараме намалување на обемот на материјалот предвиден за полагање на матурата или скратување на еден интернет предмет. Тоа се должи на два најголеми фактора во последните четири години – бевме зафатени со корона-кризата и имавме година и пол онлајн-настава и дојавите за бомби. Во меѓувреме имаше и други фактори, рече Угриновска, која нагласи и дека нивниот проблем бара брзо решение зашто полагањето на државната матура почнува на 27 мај.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во вторникот изјави дека за ова барање ќе треба да се разгледа дали и што дозволува законот да се промени во овој период за организација на државната матура. Најави дека наредната недела ќе има состанок со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) за уште еднаш, како што рече, „да ја известиме јавноста кои се материјалите и што е предвидено во нив“ и барањето на учениците да се разгледа заедно со Сојузот на средношколци со кој, како што рече, има секојдневна комуникација.
Шаќири истакна дека за него е важно тоа што од државната матура зависат многу други процеси односно запишување на учениците што завршуваат средно образование во високообразовни установи во државава и во други земји.
Сојузот на средношколци на Македонија, како што пред три дена изјави неговиот претседател Лука Павиќевиќ, за една до две недели ќе има состанок на Генералното собрание за да се произнесе по прашањето околу полагањето на државната матура.
-Нашите младински амбасадори контактираат секој ден со средношколците од нивните градови, собираме предлози и идеи и ги анализираме… Но не е прашање само што би сакала една група на средношколци, туку треба да се размислува за сите, бидејќи има повеќе интереси на учениците што се во конфликт – тие што сакаат да се запишат во странство, тие што сакаат да се запишат на студии тука, тие што можеби не ни сакаат да се запишат на факултет. Така што, проблемот околу државната матура е повеќеназначен и има повеќе аспекти што треба да се истражат, рече лидерот на Средношколскиот сојуз.
Во најавата за придружување кон средношколскиот протест, движењето „Студентски отпор“, пак, наведе дека е „крајно време студентот да се избори за своите права и да го искаже револтот на улица, кога институциите немаат слух по повеќемесечните барања на студентите“.
По протестот што го организираше во ноември минатата година, „Студентски отпор“ реагира дека „не е остварено ништо од тоа што им беше ветено на студентите од Министерството за образование и наука и Владата“.
Во причините за нивниот револт ова студентско движење ги наведува: постојано доцнење на исплатата на стипендиите и на студентскиот оброк, нетранспарентно договарање на цената за субвенционираниот студентски оброк од 140 денари – износ кој, како што велат, е деградирачки во услови на висока инфлација, како и маргинализирање на студентите.
-Мизерни услови за студирање на факултетите, со прокапани покриви, неисполнети ветувања за реконструкција на студентските домови, труење со храна и мизерен оброк во студентските домови, континуиран одлив на мозоци на високообразовани млади луѓе, соопшти „Студентски отпор“ и најави дека ќе организира масовни демонстрации додека не биде исполнето тоа што студентите го бараат.