Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со делење на едукативен материјал на гостите во ноќните клубови во Скопје ја почна третата фаза од кампањата „Младост без лудост“.

Целта е да се сврти вниманието за ризиците со кои се соочуват младите луѓе во сообраќајот и да се разбудат нивните позитивни сообраќајни навики.

– Кампањата „Младост без лудост“ започна да се реализира минатата година и таа стана препознатлив белег за подигнување на сообраќајната култура и свест кај младата популација. Младите возачи влегуваат во категоријата ранливи учесници во сообраќајот. Токму поради тоа, во пресрет на летото и на матурските прослави, РСБСП започнува со реализација на третата фаза од оваа интересна и креативна кампања, велат од РСБСП.

Дел од пораките кои ќе бидат пренесени се „Младост е да се опуштиш со пијачка, лудост е да се опуштиш кога возиш“, „Младост е да немаш граници, лудост е да ја преминеш ограничената брзина“, „Младост е да леташ во облаци, лудост е да леташ по улици“.

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи, минатата година 32 млади лица на возраст од 15 до 24 години го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 1.433 лица се повредени. Во Европската Унија, околу 20 проценти од вкупниот број загинати се млади на оваа возраст.