Килограм овчи кашкавал по цена од 1.305 денари за еден килограм, е тема која предизвика интерес на социјалните мрежи, со фотографии од производот, направени на рафтовите во маркети во земјава, со коментари дека производ сотаква цена е вреден и за подарок на свадба.
Станува збор за кашкавал кој е производ на млекара Галичник. Како што за Фокус појаснува Александар Димовски, управител во млекарата Галичник која го произведува кашкавалот, се работи за ексклузивен традиционален производ, рачно приготвен, во ограничени количини.
-Млекара Галичник има свои погони во Градско и во Галичник. Произведуваме овчи кашкавал и овчо сирење. Цената на сирењето изнесува 390 денари за килограм, а пак за овчиот кашкавал, станува збор за мало покачување на цена. Оние кои се запознати со нашите производи знаат дека овој кашкавал е традиционален, рачно правен, тоа е ексклузивен производ, еден вид на посластица. Сега, кога цените на сите производи се во значителен пораст, ова покачување од 1.200 на 1.305 денари и не е така високо, појаснува Димовски.
Тој додава дека годишно произведуваат околу четири до пет тони од кашкавалот, односно количините биле ограничени.
Цените на млечните производи, односно млекото, јогуртот, сирењето и кашкавалот, како што појаснуваат производителите на млеко, се во пораст поради цените на енергенсите.