Бугарија нема нови услови за РС Македонија, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија за, како што се наведува, европскиот компромис постигнат во 2022 година за европскиот пат на РСМ.

-Бугарија нема нови услови кон РС Македонија. Напротив, таа искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи. Го очекуваме првиот чекор во овој процес, согласно обврските потпишани од Скопје во јули 2022 година – …стапување во сила на измените на Уставот на С. Македонија за граѓаните кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, според внатрешните процедури, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Како што наведува Министерството, основен принцип на меѓународното право е Pacta sunt servanda и договорите мора да се спроведуваат, без разлика дали се мултилатерални или билатерални.

-Неспроведувањето на потпишаните договори ја поткопува довербата, конзистентноста и предвидливоста во односите меѓу државите и предизвикува одмазда. Отсекогаш очекувавме од нашите пријатели во С. Македонија совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување, стои во соопштението.

Патот на С. Македонија кон членството во ЕУ, додава Министерството, има јасно дефинирани параметри.

-Неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешката и деликатна рамнотежа со несоодветни и тенденциозни толкувања кои отстапуваат од критериумите јасно утврдени од Советот на ЕУ за оваа работа. Посебно опасни се обидите за манипулативно прикажување на веќе договорените и опишани во компромисот од 2022 година како некои нови барања на Република Бугарија, велат од МНР.

Преговарачката рамка, која според одлуката на Советот на ЕУ ќе и биде предадена на С. Македонија по завршувањето на фазата на отворање на преговорите, како што наведува Министерството, експлицитно ги утврдува принципите што ќе ги дефинираат преговорите за членство. Во соопштението натаму се додава дека „институциите во С. Македонија допрва треба да ја докажат сериозноста со која ќе ги гонат злосторствата од омраза врз Бугарите во соседната земја“.