Катар се надева дека примирјето меѓу Израел и Хамас ќе биде продолжено по истекот на договорените четири дена, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи, Мајед ал Ансари.
– Она што се надеваме е дека ослободувањето на заложниците во текот на четиридневниот прекин на огнот ќе ни овозможат да го продолжиме примирјето и понатаму и да почнеме посериозни дискусии за преостанатите заложници, наведе Ал Ансари.
Со посредство на Катар, Хамас вчера ја ослободи втората група заложници. Првата група беше ослободена во петокот. Сегашниот договор предвидува примирјето меѓу Израел и исламистичката група да трае најмалку до утре, до кога треба да бидат ослободени 50 заложници.
– Катар, исто така, ќе работи со своите партнери од Египет, САД и двете страни во конфликтот за да се осигури дека договорениот износ на помош ќе стигне до Појасот Газа, истакна Ал Ансари.
Според израелските податоци објавени оваа недела, договорот предвидува прием на 300 камиони со храна, медицински материјали и гориво во Појасот Газа.