Потврдено е присуство на коронавирус кај еден од тројцата македонски државјани кои се наоѓаат на бродот „Diamond Princess” во пристаништето во јапонскиот град Јокохама, соопшти Министерството за надворешни работи согласно најновите информации добиени од јапонските надлежни органи.
Нашиот државјанин, како што се посочува, во моментот е хоспитализиран во здравствена установа во Јапонија.
Амбасадата на Македонија во Токио е во комуникација со споменатиот македонски државјанин. Воедно, Амбасадата на дневна основа комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на коронавирусот, информираат од МНР.
Министерството за здравство на Јапонија продолжува со спроведување на тестови за присуство на коронавирусот кај лицата кои се наоѓаат во карантин на бродот. При вршење на анализите предност имаат лица со симптоми кои укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75 – годишна возраст и лица со хронични заболувања.
Министерството за надворешни работи на Македонија, преку Амбасадата во Токио, редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во Јапонија и остварува комуникација со надлежните јапонски органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на корона вирусот, стои во соопштението.