На 3 април 1945 година во Скопје, со изведувањето на претставата „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески, почнал континуирано да работи Македонскиот народен театар.

Така е запишано во времепловот за формирањето на Македонскиот народен театар, кој се родил во штотуку ослободената Македонија од фашистичкиот окупатор. А во времето на „процутот на демократијата“ и еуфоријата на бившиот премиер Зоран Заев, да менува имиња и придавки, изведени од Македонија и македонски, пред неколку години и оваа национална институција го живее тој „демократски тренд“. Од Македонски народен театар беше исфрлена придавката и стана само Национален театар, како и операта, балетот… Но, официјално не успеа и Македонската радиотелевизија, иако во изјавите и објавите и на јавниот радиосервис му го менуваат името.

Движејќи се од класичната драма до најсовремените драмски достигнувања, низ делата на домашните и странските автори, Македонскиот народен театар бил, е и ќе биде гласник на културата, водилка кон изведување на ремек-дела, интимна и длабока врска меѓу актерите и публиката, предизвик за режисерите, совршен подиум за претстави на големата и на малата сцена, соопштија од оваа културна институција, по повод 77 години постоење.

Од МНТ нагласуваат дека 77 години се години на неизмерна љубов кон сцената, години во кои македонскиот збор тече од сцената жедно впиван од публиката, 77 години актерска игра.

– „На 3 април 1945 се случи празникот на македонскиот театар: премиера на ’Платон Кречет‘. Во свечената тишина прозвучи првата реченица на артистката Вера Вучкова: ’Колку е блиску сонцето‘“. Подигнатата завеса го отвори МНТ, кој започна без вистински традиции за сопствен театар и без доволен професионален актерски, технички и режисерски кадар, но со огромна желба и страст. И со публиката која е „гладна“ за тој сценски збор и која како што е запишано „… го полнеше театарот до последно место. Колку што долги беа редовите пред продавниците за хлеб толку беа долги и пред шалтерот на театарската билетопродавачница“. Со целата своја енергија и творечка сила оваа прва група актери, режисерот, сценографот и преведувачот го започнаа патот на уметничко-сценското создавање на оваа сложена уметност – театар, соопштија од МНТ.

Како што посочуваат, со сценска вистинитост и природна појава, од првата реплика до денес, се прикажува сликата и идејата за уметничко дело, тенденцијата за колективна игра и духот на создавање на целосен театар.

-Во една прилика Бранко Гавела, хрватскиот режисер, театролог и педагог ќе запише: „Кога реков претставите дека се симпатични мислам дека најдобро ја означив нивната непосредна човечка топлина, ненаместеноста, отсутноста на секое егзибиционистичко значење и скромноста, што не потекнува од чувството за помала вредност, туку од длабоката верба за големината и тешкотиите на поставените задачи“, посочуваат од театарот.

 И денес во 2022 година кога се одбележуваат 77 години, од МНТ нагласуваат дека истите стремежи се дел на сите од нив – креативност, потреба, желба, магија, величественост, идентитет, распослана душа, отворено срце, неуморност, сценско патување.