Околу 42 милиона сметки што ги скенирале 216 илјади граѓани учествуваа во јавното извлекување на главната награда на МојДДВ #MојаНаграда од три милиони денари, а најсреќниот добитник е Дејан Петков од Штип. Извлекувањето беше емитувано на Канал 5 телевизија во вечерниот термин.  

Досега, како што соопштуваат од Министерството за финансии, во три кола се извлечени вкупно 45 награди од по 100 илјади денари, а следуваат уште деветмесечни извлекувања од по 15 награди секој месец по 100 илјади денари и уште една главна награда од три милиони денари. 

Најмногу сметки на дневно ниво биле скенирани на 6 март и тоа 717 илјади сметки, при што бил остварен промет од 304 милиони денари, за што е наплатен ДДВ од 32,5 милиони денари. За скенираните сметки само од овој ден граѓаните ќе добијат поврат од 878 илјади денари.

Вкупно од 1 јануари до 16 март годинава, од скенирани сметки е остварен промет од 19 милијарди денари, при што е наплатен данок на додадена вредност од две милијарди денари, за што граѓаните ќе добијат поврат од 303 милиони денари.  

-Сите учесници во наградната игра МојДДВ #МојаНаграда не само што имаат можност да добијат една од 3.852-те парични награди, со вкупен фонд од половина милион евра, туку и на секои три месеци добиваат поврат на ДДВ. Но најважното е што сите тие на тој начин придонесуваат во борбата против сивата економија, наведуваат од Минитерството за финансии.