Во рамки на одбележувањето на патрониот празник на Бигорскиот манастир, вчера беше промовирана монографијата „Иконата на Бистра, закрилник на православието“.
Новата книга на Киро Кипроски е посветена на 25-годишнината од возобновувањето на монашкото братство во Бигорскиот манастир и јубилејот 1.000 години од основањето на едно најзначајните светилишта во Македонија.
На прогодната свечност, зборуваа промотерите уредникот на книгата јеромонахот Кирил и Марјан Велески новинар и уредник во весникот Нова Македонија.
Писателот Александар Прокопиев во рецензијата на монографијата насловена „Исцеление на душата“ ќе потенцира:
„Авторот Кипроски имал своевидна среќа да ги бележи и пренесува искуствата од животот на манастирот во последниве неколку децении. Со фактот што токму во овој период е сведок, запишувач и фотограф на манастирскиот живот, се соочил со клучни настани во неговиот развој.“
Во книгата, на околу 500 страници се содржани текстови и фотографии за настани и случувања за монашкото братство и сестринството во Раичкиот манастир „Св. Ѓорѓија Победоносец“, враќањето на богослужбите и литургиите во обновувените цркви и манастири и изградба на нови црковни градби во регионот на Долна Река и Мијачијата.
Кипроски е единствениот новинар кој присуствувал и го забележал замонашувањето на сегашниот игумен Партениј. Тој во предговорот во текстот насловен „Предисловие“ забележува:
„Оваа книга, всушност, претставува своевиден современ летопис на Бигорскиот манастир за последните триесетина години, време преисполнето со настани и дејствија, дотолку повеќе што во тој период се паѓа возобновата на монашкиот живот и на Обителта воопшто.“
Монографијата е единаесетто книжевно дело на Киро Кипроски долгогодишен новинар, и публицист. Издавач е Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ – Ростуше.