Атари од над сто македонски села се жртви на огнената стихија која деновиве гори шуми, плевни, животни, посеви, куќи. Не постои место чие небо не поцрни од чадот што неумоливо се возвишува над огнот, кој ја согорува земјата и сè што во моментот се наоѓа на неа.

Пожарите не стивнуваат, државата во кризна состојба, силите и ресурсите се исцрпуваат и на крајот сè се сведува на човечкиот фактор, и причината, и помошта и последицата.

Од Центарот за управување со кризи како причинителите за пожари ги издвојуваат човекот, како што велат, намерно и ненамерно, фрлените стаклени работи и друг отпад во сува вегетација, како и искрите од жици на електрични далекуводи.

– За да се направи пожар, не треба многу, треба многу мал процент од населението да не нè послуша. Односно, доволно е и еден човек во планина кој е неодговорен, да остави догорче или оган и да се распали со помош на ветрот, велат од ЦУК.

Од Бригадата за противпожарна заштита – Скопје, исто така, споделуваат дека според долгогодишната статистика која ја водат, најчестиот фактор за предизвикување пожари е невниманието, односно, човечкиот фактор. Под невнимание, како што изјавија за МИА, подразбираат и несоодветно одржување на електрична мрежа низ градовите.

– Институциите треба да се грижат за таа инфраструктура во градот и мрежата што поминува низ земјоделските земјишта и шумските површини, особено кога имаме метеоролошки услови со силен ветер, кога проводниците прават краток спој и предизвикуваат пожар, велат оттаму.

Министерството за внатрешни работа во врска со актуелните пожари на територијата на државата приведе вкупно 11 лица, а едно лице само се пријавило во полициски станица, додека дополнително, како што велат оттаму, се работи и во врска со три осомничени лица.

Според член 227 од Кривичниот законик, предизвикувањето на шумски пожар, намерно или од невнимание, претставува кривично дело кое се санкционира со соодветни поднесоци и за кое е предвидена и затворска казна до осум години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.

Според податоците од МВР до кои дојде МИА, само во изминатите 12 месеци, на територија на државата се поднесени 28 кривични пријави за сторени 26 кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и две кривични дела „тешки дела против општа сигурност“, кои се однесуваат на подметнување на пожари.

ЦУК: Некои носеа шише сок или вода за пожарникарите, а некои доаѓаа само да направат сензација за својот фејсбук профил

Според член 19 од Законот за пожарникарство, секој граѓанин кој ќе забележи непосредна опасност од настанување на пожари или ќе забележи пожар, должен е да ја отстрани опасноста, односно да го изгасне пожарот, ако тоа може да го стори без опасност за себе или за друго лице. Доколку граѓанинот не може сам да ја отстрани опасноста, односно да го изгасне пожарот, должен е веднаш да ја извести најблиската противпожарна единица или полициска станица и да побара помош од граѓаните во непосредна околина.

Голем број на граѓани изминативе денови безрезервно ја подадоа својата рака во борба против огнената стихија. Дел од помалите пожари локалните жители успеаја да ги локализираат сами, а во поголемите дадоа огромен придонес со своето присуство, поддршка и активно вклучување во справувањето.

Од Центарот за управување со кризи велат дека зависно од реон до реон, некаде се вклучувале и граѓани, некаде само барале помош и очекувале од воздух да се интервенира. Оттаму споделуваат дека одејќи по терен се сретнувале со различни примери, меѓутоа, како што велат, сепак имаме една кохезија кога ќе дојде тој момент да се браниме од огнената стихија, при што безбедноста на луѓето и животните е на прво место, а потоа материјалните добра, бидејќи, материјалните добра може да се направат и купат повторно, луѓето не можат.

– Имаме примери каде што доаѓа човек со кеса и носи шише со сок и вода и им го дава на пожарникарите, има и примери кои што пак се обратни од тоа, едноставно доаѓаат и само како да сакаат да направат некоја сензација на својот профил на фејсбук, велат од ЦУК за МИА.

Превенцијата и справувањето со пожари, додаваат, најмногу зависи од совеста на граѓаните, како и од брзината на јавувањето. Потоа, од содржината и точноста на информациите, зависи и исходот, односно, успехот на акцијата за гаснење на пожари и заштита на животната средина. Од ЦУК велат дека се генерално задоволни од граѓаните, од нивниот одзив и јавувања за предлози за превенција во одредени региони, а исто така и на многуте доброволци што се јавиле во Кочани, Валандово, Беровско, Пехчевско, секаде каде што имаше пожари.

Дополнуваат дека има доброволци кои се пријавуваат и нудат помош и силите кои се ангажирани од субјектите на терен ја користат таа помош, но сето тоа се прави внимателно, бидејќи, како што велат, едно е да се има желба да се помогне, друго е да се има знаење, па затоа пред сè одат професионалците да гаснат, а помагаат доброволците.

Од Бригадата за противпожарна заштита – Скопје појаснуваат дека она што најчесто го забележуваат на терен се догорчињата од отпушоците од цигари, нивно невнимателно фрлање на сувата вегетација. Оттаму нагласуваат дека биле евидентни и неколку места на кои може да се види дека има и намера за подметнување на пожар.

– Особено како што беше случајот од Батинци, каде што при наша интервенција на еден дел од просторот каде што гореше високостеблеста шума, при преместување на екипите за подобро поставување, наидовме на нов локалитет, многу далеку од постоечкиот пожар, каде што беше подметнат, класично, со картонски кутии подметнтаи под дрва, запалени и среќа што ги видовме брзо и интервениравме и беше пријавено во полиција веднаш, велат оттаму.

Дополнуваат дека има и случаи, каде што со намера, граѓаните сакајќи да ги исчистат своите земјоделски површини, кои се надвор од градот, ги палат, и при посилен ветер тие излегуват од контрола и се пренесуваат на шумските површини.

Забраната за движење во шума не ги спречи граѓаните да се движат

На почетокот од јули, Јавното претпријатие „Национални шуми“ воведе делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште со кои стопанисува, на целата територија на државата во период од 6 до 20 часот, по претходно добиена согласност од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Движењето беше овозможено единствено со писмена дозвола издадена од подружниците на ЈП за подрачјето со кое стопанисуваат.

Но, по избувнувањето на неколкуте шумски пожари на 2 август, веќе следниот ден – на 3 август стапи во сила целосна забрана за движење во шумските предели. Со воведувањето на ваквата забрана Владата апелираше до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.

Секое непочитување на ваквата забрана, согласно Законот за шумите, претставува прекршок и е казнив по член 106. За истиот е предвидена глоба во износ од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.

Од Министерството за внатрешни работи, непосредно пред истекот на оваа недела информираа дека на 6 август во Крушевско лишиле од слобода три лица кои биле затекнати со патничко возило во шумски предел, односно затоа што не ја почитувале целосната забрана на движење во шуми. Освен случајот во Крушево, како што велат од МВР, на 5 август затекнале три лица на Водно, по што против нив е поднесен соодветен поднесок.

Податоците на Шумската полиција до кои дојде МИА, пак, покажуваат дека во текот на 2021 година, односно во јули, откако постои делумната забрана за движење во шума, заклучно со 3 август, до надлежните судови се поднесени вкупно пет прекршочни пријави за непочитување на забраната за движење во шума за кои што основните судови сè уште немаат донесено пресуди.

Центарот за управување со кризи постојано упатуваше апел до граѓаните да внимаваат при посети на отворени места поради зголемен ризик од избувнување на пожари. Оттаму велат дека упатиле апел и до конкретна група на граѓани, како на пример земјоделците, кои се движат и работат во шумите, а потоа и на излетниците, особено да не фрлаат отпушоци од цигари, дури и кога се во автомобил во движење, бидејќи, според нив, покрај тоа што е тоа казниво и некултурно, сепак, треба да се има на ум дека дури и изгаснатото догорче од цигара, во момент на фрлање при брзина на автомобил има доток на многу кислород и може и најмало жарче да се распали и кога ќе падне да ја запали сувата трева покрај автопатите и оттаму да се пренесе пошироко, во поле или, пак, во планина.

Од Бригадата за противпожарна заштита велат дека при многуте измени на законот, тие, за жал, немаат превентивно дејство, туку само регресивно, кога има пожар. И оттаму апелираат да се внимава, инсталациите да се одржуваат соодветно и да не се фрлаат догорчиња насекаде.

Тополото време чкорче за потенцијалните пожари, останува на свеста на секој поединец

Сезонскиот изглед на времето за лето 2021 година на Управата за хидрометеролошки работи предвиде температурите да достигнат натпросечни вредности. За територијата на Република Северна Македонија постоеше и се исполни веројатноста за надминување на температурите од многугодишните просечни вредности.

Топлото време излезе во пресерт на немилосрдните пожари на кои и ветрот им се најде „при рака“. Температурата подолг период „држеше ниво“ а ветрот ја „разветруваше“ истата, ширејќи ги пламените што таа ги предизвика. Високите температури си го прават своето, нема врнежи, нема влага, и со тоа се зголемува потенцијалната можност за пожар.

Предвидените периоди со исклучително топло и сушно време придружени со неодговорноста на човештвото го земаа својот данок. Гореше во Живалево, Татомир, Конопница, Робово, Умлена, Чифлик, Гулинци, Зубовце, Возарци, Мачево. Гореше во над сто места за кои многумина од нас преку пожарите слушнаа прв пат и сè уште без престан гори во дел од нив. По огнената стихија која деновиве неумоливо беснее, овие места за кои веќе знаеме сите, нема никогаш да бидат исти.

Пожарите се еден од најголемите проблеми за животната средина. Следствено, поради истите се уништува огромна количина на дрвна маса и вегетативен свет и со тоа настануваат и економски последици. Најнемилосрдно е што пожарите не ја избегнуваат ниту фауната, а знаат и да однесат човечки живот. Преку пожарите се загадува воздухот, водата, почвата. Бројот на шумски пожари во Република Северна Македонија го достигна врвот во 2007 година, кога се регистрирани 652 шумски пожари, дали 2021 година ќе го повтори тоа сценарио останува на нас и одговорностите кои ги имаме во превенцијата и помошта при справување со пожарите.

Ангела Рајчевска за МИА