Австралија се подготвува да испорача уште оружје и воена опрема за Украина по минатонеделното обраќање на претседателот Володимир Зеленски пред националниот Парламент, соопшти денеска австралиското Министерство за надворешни работи.

– Австралија и испорача на Украина пет товари Ц-17 со воена поддршка – смртоносна и несмртоносна. Ние сме во процес на подготовка на бушмастерите (оклопни возила) кои претседателот Зеленски ги побара во неговото обраќање до нашиот Парламент. Тие ќе бидат транспортирани што е можно поскоро, рече шефицата на австралиската дипломатија, Марис Пејн.

Австралискиот премиер Скот Морисон по страсниот говор на Зеленски пред Националниот парламент минатиот четврток најави дека ќе биде испратена дополнителна воена помош за Украина.

Новиот пакет вклучува тактички мамки, беспилотни воздушни и беспилотни копнени системи, оброци и медицински материјал, беше посочено во соопштението од канцеларијата на Морисон.

Австралиската Влада во февруари се обврза да обезбеди оружје и воена опрема, медицински материјали и финансиска помош за поддршка на Украина, како и три милиони долари поддршка преку фондовите на НАТО. Се посочува дека пратките со воена помош вклучително и оружјето се пристигнати во Украина.