Во многу лоша состојбата се столбовите и целосната конструкција на мостот на Вардар кај Башино Село на влезот во Велес стар 47 години.

Загрижени за безбедноста на сообраќајот, Општина Велес пред неколку месеци распиша тендер за избор на најповолен испитувач на состојбата. Според првичните проценки на испитувачите-стручњаците од Градежниот факултет од Скопје, мостот треба привремено да се санира, а како трајно решение е изградба на нов, безбеден мост.

Градоначалникот Аце Коцевски, кој денеска направи увид на терен,  најави барање парични средства од централната власт за изградба на нов мост на Вардар подолу од постојниот.

Коцевски рече дека за испитување на состојбата на мостовската конструкција пред неколку месеци бил избран Заводот за испитување на материјалите од Скопје, а тие го ангажирале Градежниот факултет од Скопје чии стручни лица попладнево започнаа со испитување на состојбата на мостот и треба да завршат вечерва.

Проф. Елена Думова-Јованоска од Катедрата за теорија на конструкции од Градежниот факултет во Скопје рече дека Заводот за испитување на материјали веќе го извршил првиот визуелен дел и се обратил кај нив. Од визуелниот преглед, рече таа, може да се согледаат одредени оштетувања на мостот. Опремата што ја користат, рече, е во соработка со  американска компанија „Диџитекс“ и мери многу чувствителни, амбиентални вибрации. Рече мерат како се однесува конструкцијата само по себе, како и под дејство на сообраќај.

– Од денешните мерења веќе се уверивме колкав број на сообраќај поминува по мостот и не треба да имате ни толку сензитивна опрема како нашата, а можете да ги почувствувате вибрациите кога стоите на мостот, посебно од тешките товарни возила, појасни проф Думова-Јованоска.

До крајот на неделава и почетокот на идната Општина Велес ќе ги добие нивните стручни согледеувања за состојбата на мостот.

Според профсорката, станува збор за систем на мостовска конструкција кој е анахрон за 21 век и е дотраен. Рече дека последиците ќе бидат големи ако веднаш се затвори мостот, но препорачуваат одреден период да има побезбедна употреба на мостот. Долгорочното решение, нагласи таа, е изградба на нов мост.

Според мерењата на Заводот за испитување на материјали извршени пред неколку дена, во еден час поминале 39 шлепери, 43 полесни товарни возила и комбиња и 250 автомобили.

Овој мост е изграден како привремен од тогашната ЈНА во далечната 1971 година. По мостот до пред десетина години поминуваше регионален пат, а веќе десетина години тој е пренеменет како локален.

Според стручњаците, вакви конструкции со толку мали распони од столб до столб повеќе не се градат. Тоа создава посебни проблеми во зимскиот период и кога има големи поројни дождови и висок водостој на Вардар екипи формирани од локалната власт во тие вонредни состојби мора постојано  да дежураат на мостот и да ги извлекуваат гранките и столбовите за тој не се урне. Воедно мостот е и низок и при висок водостој на Вардар останува само половина метар од мостовската конструкција до нивото на водата на Вардар.

Градоначалникот Коцевски потенцира дека овој дел од патот кој поминува преку мостот е многу оптоварен со собраќај за Велес како и за Чашка, Богомила и Извор.

Намерата, рече тој, е откако ќе го добијат извештајот од Градежниот факултет, да порачаат проект за трајна санација на мостот, но и таа би била од привремен карактер затоа што мостот е дотраен и не може да биде трајно решение.

– Затоа пред неколку дена имав средба со директорот на ЈП за државни патишта, а следната недела ќе барам и прием кај претседателот на Владата Зоран Заев за да ги пренесеме нашите ставови за алармантната состојба на овој мост и да побараме мостот и патот да добијат карактер повторно на регионален пат и да се обезбедат финансиските средства за негова санација. Паралелно со тоа да се обезбедат финансиски средства за изградба на нов мост на реката Вардар кај населбата Речани подолу од овој мост, со кој трајно ќе го решиме проблемот со одвивањето на сообраќајот, истакна  Коцевски.

Тој стравува дека ако стручњаците побараат да се ограничи сообраќајот по мостот кај Башино Село, целиот сообраќај меѓу кој и тешките возила ќе се пренасочат по централното градско подрачје на Велес. Затоа Коцевски апелираше до централната власт за итно обезбедување на финансиски средства за изградба на нов мост на Вардар кај Велес.