Актуелниот светски првак во Мото ГП, Шпанецот Марк Маркез, со својата Хонда, беше најбрз на квалификациите на патеката Мотеги во Јапонија и по десетти пат сезонава трката ќе ја стартува од најповолната пол-позиција.

За Маркез, кој има осум светски титули, ова е прва пол-позиција на патеката Мотеги во кариерата во кралската класа и сега веќе нема патека на која возел, а барем еднаш да не бил најдобар во квалификациите.

Зад Маркез се пласираа тројца возачи со мотори на Јамаха. Изненади Франко Морбидели, кој ќе биде втор на стартот и имаше 132 илјадитинки послабо време од првакот, а веднаш зад него ќе бидат Фабио Квартараро и Маверик Вињалес. Валентино Роси со неговата Јамаха беше десетти.