Владата го задолжи Министерството за економија да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија.
Летното сметање на времето треба да заврши на 30 октомври, кога часовникот треба да се врати еден час наназад, односно во 3 часот по полноќ ќе се смета дека е 2 часот.
– Министерството за економија доби задолжение од Владата да ги разгледа можностите околу евентуално продолжување на примената на летното сметање на времето, со цел дополнителни заштеди во општата потрошувачка на електрична енергија, информираше вечерва владината прес-служба по 88. седница на владиниот кабинет.
На владината седница се усвоени и нов сет со антикризни мерки во вредност од 350 милиони евра за ублажување на енергетската криза и ценовниот притисок, како План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст со политики, препораки, мерки и индикатори.
Долги години трае дебатата дали е добро да се напушти светската практика на зимско и летно сметање на времето, како од економски аспект, така и од аспект на здравјето на луѓето.